Abdula Berisha
27 Април 2020•Ажурирај: 28 Април 2020
СКОПЈЕ
Како последица од воведените мерки за превенција од ширењето на новиот тип на коронавирус (KОВИД-19), голем број земји од светот ги откажаа летовите од меѓународните аеродроми и во исто време ги затворија своите граници. Поради тие причини, 10 државјани на Северна Македонија останаа заглавени во Нигерија.
Енес Џемаили од Скопје е еден од 10-те лица заглавени во Нигерија кои се вратија во Северна Македонија преку Турција.
Во телефонскиот разговор со Anadolu Agency (AA), Џемаили рече дека се наоѓаат во карантин во хотел во Скопје, упатувајќи ја својата благодарност до властите на Турција и Северна Македонија што им овозможиле да се вратат дома.
Тој потсети дека за Нигерија заминале на 21 февруари годинава, каде работеле за турска компанија која се занимава со изградба и монтажа на аквапаркови, а околу еден месец подоцна границите биле затворени и тие останале во Нигерија.
- „Првично, беше тешко да стигнеме до Абуџа“
Џемаили рече дека првично контактирале со дипломатските претставништва на Северна Македонија, но нагласи дека сепак Република Турција е „главниот фактор“ за нивното враќање дома.
„Бевме во Агбор, град на околу 500 километри оддалеченост од главниот град Абуџа. Првично беше тешко да стигнеме до Абуџа. Таму аеродромите беа затворени, сè беше затворено и моравме да патуваме со автомобил, што е малку тешко и проблематично таму“, вели Џемаили, потсетувајќи дека пристигнале во главниот град на Нигерија со полициска придружба.
Тој ѝ се заблагодари на Република Турција која испратила авион да ги собере турските државјани во таа земја, но притоа ги зела и 10-те државјани на Северна Македонија.
„Во Измир пристигнавме во сабота, на 25 април. Беше организиран автобуски превоз до Северна Македонија“, рече Џемаили, додавајќи дека во Северна Македонија пристигнале вчера, 26 април.
Џемаили ја изрази својата благодарност и до надлежните од Северна Македонија и Турција, кои како што вели, секој ден контактирале со групата за времетраењето на постапката за враќање, интересирајќи се за нивната состојба.
Како што е предвидено со мерките за превенција на ширење на заразата на новиот тип на коронавирусот воведени од страна на владата на Северна Македонија, граѓаните кои се вратија од Нигерија, која не е земја со висок ризик од Ковид-19, сместени се во хотел во Скопје, каде ќе го поминат периодот на карантин од најмалку 14 дена.
Џемаили рече дека ниту еден член на групата не покажал симптоми на Ковид-19, додавајќи дека за време на патувањето имале лекарски прегледи во Турција и Северна Македонија.