Husamedin Gina
20 Април 2021•Ажурирај: 21 Април 2021
СКОПЈЕ (АА) – Туристичко-угостителската комора денеска организираше протест пред Министерството за финансии на Северна Македонија со барања за финансиска помош, јавува Агенција Анадолија (АА).
Сопствениците на ресторани, игротеки и туристички агенции денеска на протестот побараа спас на дејностите и под мотото „Ќе можете ли“ бараат финансиска поддршка од Владата.
Мартин Ангеловски, потпретседател на Туристичко-угостителската комора, истакнувајќи дека во изминатите години докажале дека можат и знаат да работат, рече дека од нула изградиле бизниси со кои чесно ги издржувале семејствата.
„Затоа ги повикуваме надлежните институции да се потсетат на нивниот изборен слоган „Можеме“ и да покажат дека можат да ни помогнат кога тоа навистина ни е потребно за спас на дејноста, на правните лица и егзистенција на нашите семејства. Денеска сите ние тука јавно и гласно ги прашуваме ќе можете ли да ни одговорите на барањата и да ја обезбедите поддршката која ни е потребна. Се бара еднократна финансиска помош за регистрираните угостителски објекти“, нагласи Ангеловски.
Марија Синадиновска-Арсовска, од Иницијативниот одбор на рестораните кои организираат настани, истакна дека како економски оператори рестораните за организирање настани имаат забрана за вршење на нивната примарна дејност веќе 14 месеци.
„Во континуитет повеќе од една година бараме усвојување на протокол за организирање на настани по примерот на земјите од соседството и финансиска поддршка во вид на грант за целиот период додека сме под забрана за вршење на својата дејност“, рече Арсовска.
Туристичките агенции истакнаа барања за еднократна неповратна финансиска помош, како и за продолжување на рокот на туристичките ваучери, што граѓаните не ги искористија, до крајот на 2022 година.
„Ја бараме помошта којашто е сосема нормална за неопходен опстанок на овој сектор, на сите туристички агенции до една. Ние ќе бидеме овде секој ден до целосно исполнување на нашите барања. За да не дозволиме повеќе ниту една туристичка агенција да се затвори“, рече Ана Марија Алексова од Туристичко-угостителската комора и сопственик на туристичка агенција.
Димитар Кавраков, претставник на Македонската асоцијација на туристички водичи, истакна дека водичите се амбасадори на оваа земја.
„Се доведовме до нешто што никогаш не претпоставувавме. Да бараме милостиња пред оваа зграда. Ние не бараме милостиња, бараме услови за работа и да ги заработиме своите пари“, рече Кавраков.
На денешниот протест се придружија и сопствениците на игротеките.
„Поради големиот број на заболени во незавидна состојба се наоѓаат и игротеките. Воопшто нема интерес за славење на родендени. Бараме финансиска поддршка сè додека не се создадат услови за работа“, рече Трајко Николовски, сопственик на игротека.
Протестот на Туристичко-угостителската комора пред Министерството за финансии ќе трае сè додека не се исполнат нивните барања.