Ahmed Muharem
01 Април 2023•Ажурирај: 02 Април 2023
ПОДГОРИЦА (АА) - Во Црна Гора утре ќе се одржи вториот круг од гласањето за претседател на Црна Гора, јавува Анадолу.
Граѓаните ќе избираат меѓу двајцата кандидати што освоија најмногу гласови во првиот круг од гласањето - актуелниот шеф на државата Мило Ѓукановиќ и младиот политичар од Движењето Европа сега, Јаков Милатовиќ.
Ѓукановиќ во првиот круг, кој се одржа на 19 март, освои 35,37 отсто од гласовите, додека Милатовиќ 28,92 отсто од гласовите.
Право на глас на претседателските избори имаат 542.154 граѓани. Најмногу гласачи има во Подгорица - 143.608, а најмалку во Шавник - 1.777.
Избирачките места, вкупно 1.162, утре ќе бидат отворени од 7 до 20 часот.
Годинашниве претседателски избори се четврти од обновата на независноста и осми од воведувањето на повеќепартискиот систем.
Претседатели на Црна Гора досега беа Момир Булатовиќ, Филип Вујановиќ и Мило Ѓукановиќ.
Претседателот се избира на пет години.