Husamedin Gina
20 Ноември 2019•Ажурирај: 21 Ноември 2019
СКОПЈЕ (АА) – Во името на сите деца и млади, по повод Светскиот ден на детето, учениците правобранители до претседателот на Парламентот на Северна Македонија, Талат Џафери, го доставија „Барањето од децата за правата на децата“, јавува Агенција Анадолија (АА).
Деца од различни возрасти и различни националности, денеска, по повод 20 Ноември - Светскиот ден на детето и одбележувањето на 30 години од усвојувањето на Конвенцијата за правото на детето, го посетија претседателот на Парламентот, Талат Џафери, и ја упатија пораката за еднаквост на децата во правата.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, обраќајќи им се на децата, рече дека ниту едно дете во светот не смее да биде лишено од правото на живот, правото на семејство и семејна топлина, правото на изразување на своите мисли и постапки.
„Вие сте нашата одговорност и нашата совест. И тоа што ќе вградиме во вас, она што ќе ве учиме и за тоа што ќе ви бидеме пример, е тоа во што ќе го претворите светот токму вие во иднина“, нагласи Џафери.
Џафери исто така посочи дека ниту едно дете не смее да биде жртва на насилство од сите видови, жртва на принудна работа и сведок на војна или уште полошо, учесник во воени конфликти.
Во името на сите деца, пораката ја упати детето правобранител Афердита Лутфиу, која истакна дека тие, децата, се загрижени за состојбата со детските права.
„Денес гласот на децата ве потсетува на обврските од Конвенцијата за правата на детето, за обезбедување на можност секое дете да го оствари правото на име, државјанство и идентитет, безбеден живот, слобода и лична сигурност“, нагласи Лутфиу, потсетувајќи дека секое дете има право на дом, здрава храна, љубов, соодветен животен стандард, здравствена заштита на највисоко ниво и образование.
Учесниците пред Собранието пуштија балони во разни бои, со што симболично упатија порака за еднаквост на децата во правата.
На глобално ниво, денеска се одбележува Светскиот ден на детето, кој има за цел да го сврти вниманието на широката јавност за сите обврски кои општеството ги има кон децата, како и за најважните проблеми со кои се соочуваат децата.
На 20 ноември 1959 година Генералното собрание на Обединетите нации ја усвои Декларацијата за правата на детето, а на 20 ноември 1989 година ја усвои и Конвенцијата за правата на детето, во која се нагласува дека сите деца имаат права кои произлегуваат од оваа Конвенција, без оглед на тоа кои се, каде живеат, што им работат родителите, дали се сиромашни или богати, на кој јазик зборуваат, на која религија или култура ѝ припаѓаат, дали имаат некоја попреченост или инвалидитет.