Admir Fazlagic
30 Јануари 2019•Ажурирај: 30 Јануари 2019
СКОПЈЕ (АА) - Советот за етика во медиумите (СЕММ), во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Македонија, денеска организираше прес-конференција на која информираше за формирањето на Мрежата за борба против говор на омраза во медиумите, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што беше истакнато на настанот, основна цел на Мрежата за борба против говор на омраза во медиумите е превенција на ширењето на говорот на омраза во јавната сфера, зајакнување на професионалното и етичкото вршење на новинарската дејност и подигнување на свеста на медиумските работници и пошироката популација за негативните последици од говорот на омраза и наоѓање начини за негово спречување.
Катерина Синадиновска, претседателка на Управниот одбор на СЕММ, истакна дека е важно сите општествени чинители да дејствуваат организирани и вмрежени, со цел спречување и намалување на говорот на омраза во медиумите. Според Синадиновска, преку говорот на омраза или дискриминација од каков било тип, во јавниот дискурс се водат различни битки, а медиумите се користат како алатка во такви процеси.
„Ова е исклучително опасно, особено во вакви шаренолики општества, општества на различности како нашето. Општества, каде, наместо да го негуваме ова богатство и колорит, ние преку ваквиот говор креираме јазови и поделби и се зголемува поларизацијата и омразата наместо љубопитноста кон другиот. Ова е еднакво опасно и оти честопати зад говорот на омраза се кријат и скриени или директни повици за насилство“, рече Синадиновска.
Таа додаде дека ова е сложен и комплексен процес на растење на општеството на култувизација на граѓаните, на медиумите и институциите заедно, истакнувајќи дека се работи за сложен процес кој не треба да биде оставен на новинарските здруженија и медиумите, туку мора да бидат вклучени сите алки на системот.
Мирче Адамчевски, претседател на Комисијата за жалби при СЕММ, посочи дека состојбата на говорот на омраза во Македонија не се разликува од состојбата со говорот на омраза во регионот. Според него, говорот на омраза во Македонија почна да се појавува со политичките промени во општеството што настанаа кон крајот на 20 век, а дотогаш, рече тој, општеството имаше политичка контрола која не дозволуваше говор на омраза во медиумите.
Адамчевски истакна дека обидите да се спречи или да се намали говорот на омраза во медиумите во Македонија не даваат плод и додаде дека слободата на говор, не значи и слобода за говор на омраза.
„Се покажува дека во периодот од 2014 година, кога почнавме да работиме, до 2017 година се евидентирани 49 случаи кои претставуваат речиси 30 проценти од сите добиени претставки за нарушување на етиката на медиумите во тој период. Во 2017 година тој процент е намален. На Комисијата сме расправале и сме донеле одлуки за 8 претставки, што е 13 проценти од вкупно добиените претставки“, рече Адамчевски.
Меѓу другото, тој истакна дека во земјите од регионот и во Македонија, говорот на омраза на порталите и на социјалните мрежи е во пораст.
Членките кои пристапија кон Мрежата за борба против говор на омраза во медиумите потпишаа Декларација против говор на омраза во медиумите.
Декларацијата произлезе од Иницијативата на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, за формирање Мрежа за борба против говорот на омраза во медиумите.