Zülfiya Yakup
19 Декември 2018•Ажурирај: 20 Декември 2018
ПРИШТИНА (АА) - Премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, денес телефонски разговараше со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, за трансформацијата на КБС во војска, пренесува Anadolu Agency (AA).
Харадинај изјави дека е задоволен од посветеноста на НАТО да го поддржи Косово во целина и го информираше секретарот Столтенберг за усвојувањето на Законот за Министерството за одбрана, за воениот мандат на Косовските безбедносни сили (КБС) и службата во КБС.
„Исто така го информирав за конкретната акција на Владата на Косово за основање на Меѓуминистерскиот комитет за интеграција и зачленување во НАТО, како конкретен развој во приближувањето на Косово со НАТО“, изјави Харадинај, соопштуваат од Владата на Косово.
Харадинај му ја гарантираше на Столтенберг транспарентноста во процесот на транзиција на КБС, истакнувајќи ја подготвеноста на трупите на КБС да придонесат за регионалната и глобалната безбедност.
Премиерот Харадинај оцени дека Косово блиску ќе соработува со НАТО за да ја исполни полната оперативна способност на КБС во воениот мандат, како и заедничката посветеност во пружањето сигурност и одбрана.
Од друга страна, од НАТО е соопштено дека Столтенберг го известил Харадинај дека Северноатлантскиот совет започнал дискусија за неодамна усвоените закони за трансформација на Косовските безбедносни сили и дека со развивање на мандатот на КБС повторно ќе се разгледа нивото на ангажман на НАТО во КБС во наредната година.
Соопштено е и дека НАТО ќе ја продолжи својата мисија на КФОР, која дејствува под мандат на ОН и која не е зафатена со законите за трансформација на КБС во косовска војска.