Хрватски медиуми: Уапсен министерот за здравство Берош, Пленковиќ го разреши од должност
- Рано утринава полицијата упаднала во куќата на Берош во загрепската населба Јарун, а подоцна, според медиумите, министерот бил и уапсен.
ЗАГРЕБ (АА) - Хрватските медиуми утринава објавија дека државниот министер за здравство Вили Берош е уапсен во акција на Канцеларијата за сузбивање на корупција и организиран криминал (УСКОК), пренесува Анадолу.
Рано утринава полицијата упаднала во куќата на Берош во загрепската населба Јарун, а подоцна, според медиумите, министерот бил и уапсен.
Како што јавуваат медиумите, хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ го разрешил Берош од министерската функција. Се додава дека тој ја назначил д-р Ирена Хрстиќ за државна секретарка и таа ќе раководи со Министерството за здравство до стапувањето на функцијата на новиот министер.
Наводно, станува збор за набавка на медицинска опрема за неврохирургија во загрепската болница „Виноград“.
Според неофицијални информации, во акцијата на УСКОК има и други уапсени.
„Апсењата и спроведувањето на итни доказни дејства се резултат на истрагите што претходно ги спроведе УСКОК. Споменатите дејства се спроведуваат на подрачјето на Загреб и Скрадин во врска со повеќе лица, едно од нив е високо рангиран владин функционер, за кои постои основано сомнение дека сториле коруптивни кривични дела. По распитот на осомничениот УСКОК ќе донесе одлука за натамошно постапување по предметот, за што навреме ќе ја информира јавноста“, соопшти УСКОК.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.