Husamedın Gına
30 Декември 2019•Ажурирај: 31 Декември 2019
СКОПЈЕ
Министерката за труд и социјална политика (МТСП) на Северна Македонија, Мила Царовска, и директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, денеска на прес-конференција истакнаа дека новиот Закон за субвенционирање на придонеси за раст на плати, којшто стартуваше од пред еден месец, дава одлични резултати, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерката Царовска, истакнувајќи дека Законот за субвенционирање на придонеси за раст на плати дава одлични резултати, рече дека во 11. месец, 44.940 вработени во реалниот сектор добиле зголемена плата, односно за нив била искористена мерката за субвенционирање на придонесите.
„Согласно со овој Закон за субвенционирање на придонеси, работодавачите можеше да бидат ослободени или се ослободени од плаќање на придонеси за зголемување на плата од 600 до 6000 денари“, рече Царовска, додавајќи дека за месец ноември просечно 44.940 работници зеле просечно зголемување од 4.100 денари.
Истакнувајќи дека вкупниот број на вработени во реалниот сектор е околу 490.000 вработени и дека 9 проценти од нив добиле зголемувале на платите со оваа мерка, Царовска рече дека овие резултати покажуваат дека само за еден месец од имплементација на мерката е постигната половина од проекцијата на 20 проценти опфат.
Директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Сања Лукаревска, рече дека одобрувањето на субвенциите било мошне едноставно за работодавачите преку поднесувањето на МПИ-образецот.
„УЈП и МТСП водеа сметка работодавачите на наједноставен начин да можат да го искористат ова право, при што законските одредби и софтверското решение овозможуваат користење на субвенционирањето со самото поднесување на МПИ-пресметка до Управата за јавни приходи“, истакна Лукаревска.
Според извештајот на УЈП за искористеност на мерката за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување по однос на зголемување на плата за месец октомври 2019 година, 422 работодавачи за 6.584 лица користеле право на субвенции на придонеси во износ од 6 милиони 474 илјади 587 денари, а за месец ноември таа бројка е значително повисока и изнесува 7.613 работодавачи кои користеле право на субвенции за 44.940 лица.
Ангел Димитров, кој е претседател на Организацијата на работодавачите на Македонија, истакна дека ги охрабрува работодавачите да аплицираат за оваа мерка и да не се плашат од некои задни намери дека ќе доаѓаат контроли во фирмата.