Besar Ademi
10 Мај 2016•Ажурирај: 11 Мај 2016
СКОПЈЕ (АА) – Илјадници граѓани организирани од страна на десетици невладини организации и вечерва се собраа пред зградата на Специјалното јавно обвинителство за да го изразат својот револт против одлуката на претседателот Ѓорѓе Иванов за аболиција на сите политичари против кои се води истрага, како и за да му дадат поддршка на СЈО да продолжи со истраги, јавува Anadolu Agency (AA).
Демонстрантите со слоганот „Нема правда, нема мир“ велат дека нивната политичка борба останува на улиците сè додека претседателот Иванов не ја повлече одлуката и не поднесе оставка од функцијата претседател на државата.
Толпата демонстранти преку Министерството за правда и зградата на Собранието се упати до Управата за јавни приходи (УЈП), која во пресрет на т.н. „Шарена Револуција“ беше нападната со боја. Според демонстрантите оваа инситуција парите на граѓаните ги троши за непотребни проекти додека голем број на граѓани страдаат од сиромаштија.
Во исто време, демонстрантите бараат одржување на слободни и демокрастки избори, како основен услов за демократизација на државните институции. Според нив, најавените избори за 5-ти јуни треба да се откажат, бидејќи како што велат, нема време до тој датум за да се создадат услови за одржување слободни и демократски избори.
На 12-ти април претседателот Иванов донесе одлука за аболиција на сите политичари против кои се води истрага, одлука која според претседателот ќе придонесе за решавање на политичката криза во земјата како и намалување на тензиите помеѓу политичките сили.
Но, поради одлуката на претседателот, сè повеќе продолжува да расте револтот кај граѓаните, кои освен во Скопје протестират и во другите градови низ земјата.