Adel Ömeragiç
04 Март 2018•Ажурирај: 04 Март 2018
ПОДГОРИЦА (АА) - Претседателот на „Вистинска Црна Гора“, Марко Милачиќ, ќе биде кандидат на оваа партија за претседател на Црна Гора на изборите кои ќе се оддржат на 15 април, јавува Anadolu Agency (AA).
Милачиќ соопшти дека најголемата причина за неговата кандидатура за претседател на Црна Гора е семејството.
„Оваа власт со децении прави сè да го уништи семејството како вистински столб на општеството. Чест ми е што пред нови луѓе, неистрошени политичари, ќе бидам кандидат за претседател на Грна Гора“, рече Милачиќ.
Тој им порача на граѓаните дека „доста е чекање, вечни политичари, професионална опозиција, професионални Срби и Црногорци, потрошени политичари, режим, но и од една страна исклучива опозиција и од друга страна безлична опозиција.
Претседателските избори во Црна Гора ќе се одржат на 15 април, а кандидатурите се поднесуваат до 26-ти март.
Претседателот на Партијата за правда и помирување во Црна Гора (СПП), Хазбија Калач и независниот кандидат Василије Миличковиќ, ги поднесоа кандидатурите за претседател на државата до Државната изборна комисија (ДИК).
Кандидатури најавија и претседателот на Обединета Црна Гора, Горан Даниловиќ, независните кандидати Драган Хајдуковиќ и Ѓорѓија Блажиќ.
Социјалдемократската партија (СДП) во понеделникот ќе одржи седница на Главниот комитет на која ќе се избира кандидат на таа партија за претседател на Црна Гора.
За кандидатура за претседател, според законот, се потребни околу осум илјади потписи на граѓани.