Adel Ömeragiç
28 Април 2017•Ажурирај: 29 Април 2017
ЦЕТИЊЕ (АА) - Пратениците на црногорскиот Парламент денес на седницата во Цетиње го поддржаа Предлог-законот за потврдување на Северноатлантскиот договор, со кој се обезбедуваат услови за влез на Црна Гора во НАТО. Одлуката ја поддржаа вкупно 46 пратеници, јавува Anadolu Agency (AA).
Одлуката е поддржана со гласовите на владејачкото мнозинство и опозициската Социјалдемократска партија. Остатокот од опозицијата ја бојкотираше и денешната седница.
Предлог-законот за потврдување на Северноатлантскиот договор го објасни и премиерот Душко Марковиќ, кој ги повика пратениците да донесат историска одлука којашто ќе ја паметат Црна Гора и Црногорците.
Марковиќ истакна дека пратениците што граѓаните ги избраа во октомври минатата година, денес имаат историска привилегија да донесат одлука што ќе се памети додека постои Црна Гора и Црногорците, додека постои Црна Гора и сите останати народи што живеат во неа.
„Денешниот ден“, тврди Марковиќ, „го запишуваме во најсветлата страна на историјата на Црна Гора“.
„Најмалата и најзаостаната република на поранешна Југославија, опустошена од одеците на крвавите балкански војни во деведесеттите години на минатиот век, против своја волја вовлечена во лудата војна на Србија со силите на НАТО за Косово - Црна Гора имаше голема веројатност да остане во задниот дел на историјата на балканските беспаќа. Се случи токму спротивното“, рече Марковиќ.
Во претходните 16 месеци завршени се сите сложени процедури во 27 земји-членки на НАТО. Преостана само Шпанскиот сенат, а тоа ќе се случи во наредните десет дена, да биде потврден Протоколот за ратификација.
На денешната седница во Цетиње присуствуваа претседателот на Црна Гора, Филип Вујановиќ, и поранешните претседатели на парламентот, Радивоје Брајовиќ, Велисав Вуксановиќ и Дарко Пајовиќ.
На седницата, исто така, присуствуваа лидерот на ДПС, Мило Ѓукановиќ, претседателот на Врховниот суд, Весна Меденица, специјалниот обвинител Миливоје Катниќ, врховниот државен обвинител Ивица Станковиќ, гувернерот на Централната банка на Црна Гора, Радоје Жугиќ, како и претставници на дипломатскиот кор.
Од друга страна, Демократскиот фронт организираше протест, изразувајќи го на тој начин незадоволството поради тоа што одлуката за членство во НАТО се донесува без претходно организиран референдум.