Admir Fazlagic
13 Август 2017•Ажурирај: 14 Август 2017
СКОПЈЕ (АА) - По врнежите кои од утрово ја зафатија територијата на земјата, најголем дел од пожарите кои беа активни се изгаснати, информираат од Центарот за управување со кризи на РМ во извештајот за состојбата до претпладневните часови, пренесува Anadolu Agency (AA).
Пожарот во близина на манастирот Трескавец и населените места Мажучиште, Мараморани и Горно Село, е под контрола, соопшти ЦУК додавајќи дека гори сува трева.
На терен има екипа од ТППЕ Прилеп. Од ЦУК велат дека пожарот е далеку е од манастирот Трескавец и нема опасност по него.
„Пожарот во близина на селата Крушевица и Бонче е под контрола. Екипите од утрово се на терен за проверка и целосно локализирање на пожарот. Пожарот кај село Никодин е ставен под контрола. Во правец на село Фариш ангажирани се вработени од ШС „Црн Бор“ – Прилеп”, информираше ЦУК.
Меѓу другото, од ЦУК известија дека шумскиот пожар во атарот на селото Норово е под контрола. Гори сува трева и ниско дабова шума. Екипите се на терен, а во зависнот од процените, постои можност за ангажирање на поддршка од воздух со авионите на ДЗС.
Од утрово на терен се екипите на ТППЕ Крушево, ШС „Липа“, ЕЛС и ЈП Комуна како и месното население.
„Пожарот на местото Фрлогоец (Женска планина) на Бистра Планина е под контрола. Гори пасиште (сува трева и смрека) и ниско стеблеста деградирана дабова шума”, се наведува во соопштението од Центарот за управување со кризи (ЦУК) на Република Македонија.
Претходно, од оваа институција соопштија дека според информациите кои ги имаат од терен, во село Кондово нема зафатено куќи од пожарот и правецот на пожарот е сменет, село Кондово не е во опасност, екипите работат на терен.