Zülfiya Yakup
14 Август 2017•Ажурирај: 15 Август 2017
ПРИШТИНА (АА) - Конститутивната седница на Собранието на Косово не беше одржана ни по четврти пат поради немање на кворум, односно поради бојкотот на седницата од страна на пратениците од коалицијата ПАН и малцинските заедници. На дневен ред на седницата беше изборот на претседателот и заменик-претседателот на Собранието. Сепак, дебатата од 90 минути беше одржана, јавува Anadolu Agency (AA).
Во салата првично имаше само 55 пратеници, а по 15-минутната пауза што ја даде претседавачот Адем Микуловци, само 53, додека за одржување на седница потребно е да има најмалку 61 пратеник.
Претседавачот со седницата, најстариот пратеник Адем Микуловци од движењето „Самоопределба“, кој ја свика седницата, истакна дека во салата не се присутни пратениците на коалицијата ПАН (Демократска партија на Косово – Алијанса за иднината на Косово – Иницијатива за Косово) и малцинските партии.
Тој потоа отвори дебата во текот на којашто најави дека ќе закаже уште една консултативна средба со политичките субјекти за среда, на којашто од коалицијата ПАН ќе побара одговор кога ќе биде подготвена да присуствува на седницата и да предложи кандидат за претседател на Собранието.
Глаук Коњуфца, шеф на пратеничкиот клуб на „Самоопределба“, изјави дека е јасно оти коалицијата ПАН нема потребен број на гласови и затоа ја блокира работата на Собранието. Коњуфца оцени дека коалицијата ПАН се води според логиката или ние или никој, што е штетно за Косово. Тој решението на оваа криза го гледа во заминувањето на ПАН во опозицијата.
„Јасно е дека идната Влада на Косово е пред две алтернативи. Или ќе има 81 глас, предводена од движењето 'Самоопределба', или ќе има 59 гласови предводена од Демократската партија на Косово. Не сакам воопшто да губам време за да објаснувам која Влада ѝ е потребна на нашата земја бидејќи тоа го разбира секој граѓанин на нашата Република“, изјави Коњуфца.
Тој исто така истакна дека неговата партија е против одржувањето на незаконски тркалезни маси на коишто инсистира ПАН, туку за дебати во Собранието.
Авдула Хоти, шеф на пратеничката група на коалицијата ЛАА (Демократски сојуз на Косово – Алијансата ново Косово – Алтернатива), рече дека неговата коалиција ги разгледува можните опции за надминување на постоечката ситуација, и оти една од нив е обраќањето до Уставниот суд со прашањата дали со неучеството на седницата и непрезентирањето на кандидатот за претседател на Собранието е искористено уставното право на ПАН да има претседател на Собранието и што да се прави во случај кога предложениот кандидат за претседател на Собранието не ја добил потребната поддршка.
„Нашата парламентарна група работи на организирање на тркалезната маса на којашто ќе ја повикаме и 'Самоопределба' и сите малцинства, колку што е можно побрзо да седнеме и да ја разгледаме правната основа за овие две прашања и да се согласиме за конкретни чекори за деблокирање и формирање на институции“, изјави Хоти.
Според одлуката на Уставниот суд на Косово од 2014 година, функцијата претседател на Собранието му припаѓа на политичкиот субјект кој освоил најмногу гласови на изборите. На предвремените парламентарни избори што се одржаа на 11. јуни, најголем број гласови освои коалицијата ПАН, која има 39 од 120 пратенички места, но тоа не е доволно за самостојно формирање на владата.
Сами Куртеши, пратеник на „Самоопределба“, им постави прашање на пратениците на малцинските заедници зошто ја бојкотираат работата на Собранието без никакво образложение, кога не се официјално дел од коалицијата ПАН. Присутните пратеници го поздравија и вчерашното соопштение на амбасадорите на државите на таканаречената група Квинт, кои изразија загриженост поради моменталната ситуација во Косово и изјавија дека прв и важен принцип е дека избраните пратеници на Парламентот на Косово треба да присуствуваат на седниците на Парламентот и да овозможат неговата работа да започне, а одговорност на косовските лидери е да формираат институции, но и да ги направат неопходните реформи за да ги спречат сличните целосни застои во иднина.
Конститутивната седница на Собранието на Косово започна на 3. август и беше свикана уште двапати, на 4. и на 9. август, но не можеше да се одржи поради бојкотот на пратеници од коалицијата ПАН.
Коалицијата ПАН, чиј кандидат за претседател на Парламентот на Косово е Кадри Весели, водач на Демократската партија на Косово (ПДК), смета дека седницата е свикана еднострано и без објавени консултации со сите политички субјекти. Предлогот на коалицијата ПАН, која досега не успеа да обезбеди неопходно мнозинство од 61 глас, беше оваа среда да се одржат консултации и дури потоа да се свика продолжение на конститутивната седница. Со оглед на тоа што Теута Ругова, пратеник на Демократскиот сојуз на Косово, ја поддржа коалицијата ПАН, ниту пак спротивниот табор, „Самоопределба“ и коалицијата ЛАА не го имаат потребното мнозинство, па моменталната ситуација е 60 спрема 60.
На изборите на 11. јуни, Движењето „Самоопределба“ освои 32 пратенички места, а коалицијата ЛАА 29 пратеници. Малцинските субјекти имаат гарантирани 20 пратенички места, од кои 9 освои Српската листа, која ја поддржува Белград.