Ivana Ramadanova
11 Август 2017•Ажурирај: 12 Август 2017
СКОПЈЕ (AА) - Нов активен шумски пожар од денеска се разгоре над селото Богојци, општина Струга, додека пожарот во близина на манастирот Трескавец и населените места Мажучиште, Мараморани и Горно Село во прилепско е ставен под контрола, информираа од Центарот за управување со кризи, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Во општина Македонски Брод, во моментот активен е пожарот во атарот на селото Грешница, додека пожарите кај селата Растеш, Волче, Заград и Брест се ставени под контрола. Во моментов, во овој регион ангажирани се екипите на ЈП 'Македонски шуми' - Македонски Брод.
Пожарот кај м.в. Фрлогоец на планината Бистра е сѐ уште активен. Гори сува трева, смрека и нискостеблести дрва, а интервенираат екипите на ШС 'Лопушник'“, соопштија од ЦУК.
Од таму велат дека активни пожари има кај м.в. Јасеновска глава, во велешкиот регион, кој зафаќа површина на подрачјето и на општина Прилеп, каде што гори нискостеблеста шума и сува трева, а интервенира и еден хелихоптер на АРМ. Активен е и пожарот на подрачјето на село Галиште, општина Кавадарци, каде што гори сува трева, смрека и ниска дабова шума и се шири под селото, од правец на м.в. Србиново. Еден крак се движи кон Црна Река, а другиот крак се движи кон селото Гуѓаково. Пожарот кај Мушов Гроб – Мрежичко е ставен под контрола.
Активен пожар има во близина на селото Крушевица, каде што теренот е непристапен, а зафатена е деградирана шума. Во гасењето на пожарот ангажирани се лица од ЈП „Црн Бор“ Прилеп и месното население.
Пожарот кај село Никодин сѐ уште е активен, на терен на уредена шума. Ангажирани се вработените од ЈП МШ „Црн Бор“ Прилеп.
Во тетовскиот регион има два активни пожара, едниот во општина Брвеница, на кој интервенираат екипите на Македонски шуми и на ДЗС, и во селото Балиндол, над рудникот, на кој дејствува екипа од ШС Шумско Шар.