Kemal Zorlak
16 Јануари 2023•Ажурирај: 17 Јануари 2023
АНКАРА (АА) - Министерот за надворешни работи на Туркије, Мевлут Чавушоглу, по денешната средба со министерката за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Бисера Турковиќ, изјави дека мирот и стабилноста на Балканот се од исклучителна важност и дека тоа за Туркије не е само желба, туку дека Туркије презема конкретни чекори за мирот, стабилноста и економскиот развој на Балканот, јавува Агенција Анадолија (АА).
По средбата со Турковиќ во Анкара, Чавушоглу на заедничката прес-конференција порача:
„Туркије придава голема важност на стабилноста и мирот во Босна и Херцеговина и силно го поддржува територијалниот интегритет и суверенитет на Босна и Херцеговина.“
Додаде дека најголема желба на Туркије е што поскоро да се формира влада во Босна и Херцеговина.
„Уште еднаш сакам да повторам дека сме против секакви видови странски интервенции во овој процес“, нагласи Чавушоглу.
Тој истакна дека Туркије е меѓу земјите кои даваат најсилна поддршка на Босна и Херцеговина на патот кон Европската Унија и евроатлантските интеграции.
„Минатиот месец Босна и Херцеговина доби кандидатски статус од ЕУ, честитаме на тоа. Се надеваме дека наскоро ќе се започне и со преговори. Се надеваме дека ЕУ нема да ги замајува земјите од Западен Балкан како што нè замајува нас. Исто така даваме силна поддршка за членството на Босна и Херцеговина во НАТО“, подвлече Чавушоглу, потсетувајќи дека Туркије делува во состав на мисијата ЕУФОР Алтеа и дека е една од земјите што обезбедуваат најголем број војници.
Кога станува збор за билатералните економски и трговски односи, Чавушоглу рече дека Туркије и Босна и Херцеговина јасно чекорат кон зацртаната цел за трговска размена од една милијарда долари. Истовремено се зголемува бројот на туристи, како од Босна и Херцеговина во Туркије така и на турски туристи кои ја посетуваат БиХ. Чавушоглу рече дека се надева дека во најкраток рок ќе биде приведен кон крај процесот за патување со лични карти меѓу Туркије и БиХ.
Една од темите беше и борбата против терористичката организација ФЕТО, одговорна за обидот за пуч во Туркије во 2016 година.
„Со жалење сакам да кажам дека во контекст на борбата против ФЕТО во Босна и Херцеговина не е постигнат посакуваниот резултат. Затоа, наше најголемо очекување од следната влада што ќе биде формирана е да ни пружи конкретна поддршка во борбата против ФЕТО“, порача Чавушоглу.
Турскиот министер, исто така, изрази загриженост за сè поголемиот број расистички напади во Босна и Херцеговина.
„Имаше напади врз џамии во Босна и Херцеговина, ќе направиме сè за Босна и Херцеговина да не се врати во 1990-тите“, рече Чавушоглу.
Нагласи дека врската на Туркије со Балканот е многу силна и дека тоа се историски врски.
„Денес, иако некои западни земји се обидуваат да ја видат Туркије како конкурент на Балканот, ние никого не гледаме како конкурент. На Западен Балкан и на Босна и Херцеговина им е потребна поддршката на сите. Стабилноста на Балканот ни е исклучително важна. Кога го говориме тоа, тоа не е само наша желба, туку ние преземаме конкретни чекори за мир, стабилност и економски развој на Балканот“, рече Чавушоглу, наведувајќи го примерот на автопатот Сараево - Белград.
Тој на крајот додаде дека Туркије е една од ретките земји која на Балканот може подеднакво да разговара со сите страни, без разлика дали е Босна и Херцеговина или друга држава.