Zlatan Kapiç
26 Февруари 2019•Ажурирај: 26 Февруари 2019
БЕЛГРАД (АА) - Придавам голема важност на развојот на српско-турските односи и мило ми е што тие се во постојан пораст, истакна српскиот претседател Александар Вучиќ, кој денеска му упати честитка на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, по повод неговиот роденден, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Во оваа пригода сакам да ја изразам мојата голема почит за Вашата посветена работа, која се почитува не само од страна на граѓаните на вашата земја, туку и од многумина надвор од нејзините граници“, истакна Вучиќ, и додаде:
„Придавам голема важност на српско-турските односи и мило ми е што тие се во постојан пораст, со сѐ поинтензивен политички дијалог и сѐ поголема економска соработка. Србија, како вистински пријател и доверлив партнер на Турција, ќе даде полн придонес во работата на Високиот совет за соработка, чија втора седница ќе биде одржана за време на Вашата следна официјална посета.“
Вучиќ изрази надеж дека наскоро повторно ќе го пречека Ердоган во Србија.
„Ќе ми биде голема чест повторно, се надевам наскоро, да Ве пречекам во Србија, заедно да го прославиме значајниот јубилеј -140 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу нашите две земји“, се наведува во честитката на Вучиќ, соопштено е од прес-службата на претседателот на Србија.