Aysu Biçer
28 Февруари 2022•Ажурирај: 03 Март 2022
АНКАРА (АА) - „Бајнанс“, светскиот водечки снабдувач на крипто и блокчејн инфраструктура, одвои 10 милиони долари за намалување на хуманитарната криза во Украина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Донацијата ќе биде поделена помеѓу големите меѓувладини организации и непрофитните организации кои се веќе на терен“, се вели во соопштението.
Исто така, „Бајнанс“ ја отвори првата страница за крипто финансирање, наречена Фонд за итна помош во Украина, за да им овозможи на луѓето да донираат крипто за да помогнат во обезбедувањето на итна помош за бегалците и децата и да ја поддржат логистиката на теренот со храна, гориво и залихи за бегалците.
„Донација од 16.042 BNB, со еквивалентна вредност од 6 милиони долари, е веќе направена од „Бајнанс“, се додава.
„Гледајќи како овој конфликт ескалира во текот на изминатите четири дена, нашата заедница е шокирана. Ние сме горди што успеавме брзо да ја собереме нашата мрежа за да обезбедиме помош и поддршка на теренот за оние кои имаат потреба“, рече Чангпенг Жао, основачот на „Бајнанс“.
Во меѓувреме, на официјалниот профил на Твитер украинската Влада обезбеди две сметки за криптопари во четвртокот, една само за примање биткоини и друга за примање на етерум и тетер.
„Сметките од твитовите веќе добија 10,2 милиони долари преку 12.799 трансакции“, според фирмата за анализа на блокчејн „Елиптик“.
„Елиптик“ истакна дека вкупните криптодонации за украинската Влада и невладините организации што пружаат поддршка кон Војската сега изнесуваат 16,7 милиони долари.