Barış Seçkin
28 Февруари 2022•Ажурирај: 01 Март 2022
ИСТАНБУЛ/ ПРАГА/ РИМ/ БЕРЛИН / АМСТЕРДАМ/ АТИНА/ МАДРИД (АА) - Додека руските воени напади продолжуваат против Украина, демонстрантите во различни земји излегоа на улиците за да ја осудат политиката на Москва против Киев, јавува Агенција Анадолија (АА).
На плоштадот „Република“ во Рим, Италија, околу 5.000 луѓе се собраа за да покажат солидарност со Украина, подигнувајќи го украинското знаме и скандирајќи против рускиот претседател Владимир Путин.
Украинската државјанка Нина рече дека демонстрантите протестираат за ставање крај на руската агресија, велејќи дека со нетрпение очекува да има мир во нејзината татковина каде живеат членовите на нејзиното семејство.
Ова е напад против цела Европа, народите од Европа треба да ја заштитат оваа нација, вели Самуеле, италијански студент.
Десетици илјади демонстранти во Чешка се собраа во главниот град Прага и протестираа против рускиот напад на Украина. Премиерот Петр Фиала имаше обраќање за време на протестите, заблагодарувајќи за поддршката за слободна и независна Украина.

Во Холандија илјадници луѓе излегоа на плоштадот „Дам“ во Амстердам. Учесниците носеа транспаренти на кои пишуваше: „Не за војна“, „Слободна Украина“, „Врати се дома Русијо“, „Бојкотирајте ја Русија“, „Запрете го Путин“.
Украинците кои живеат во главниот град на Грција, Атина, исто така се собраа на плоштадот „Синтагма“ каде се наоѓа зградата на Парламентот и скандираа против рускиот претседател, обвинувајќи ја Москва за прекршување на меѓународното право и човековите права.
Шпанскиот и украинскиот народ во Мадрид се собра на плоштадот „Колон“ и носејќи транспаренти ја повикуваа Европа да побрза во помошта на Украина, и дека Киев не е сам во борбата против Москва.
Протести против војната се одржаа и во Германија. Членовите на синдикатите, црквите и неколку невладини организации одржаа демонстрации во главниот град Берлин.
Говорниците на протестот ја осудија руската интервенција во Украина и ја повикаа Москва да ги запре нападите и да се повлече од Украина, исто така повикувајќи ја германската Влада да ги држи отворени вратите за Украинците кои бегаат од судирите.
Здружение поврзано со Турците на Крим одржа протести на плоштадот „Бејазит“ во Истанбул каде населението се собра во протест против руската Влада и упати молитви за украинскиот народ.
Џелал Ичтен, шефот на огранокот на здружението во Истанбул, рече дека во 2022 година се одбележуваат осум години од руската окупација и кршењето на човековите права во Крим и ја обвини руската администрација за убивање на цивили и деца.
Тој рече дека светот треба да ги здружи силите за глобалниот мир и спокојство, и да пронајде начин да ја запре Русија.
Рускиот претседател Владимир Путин објави „специјална воена операција“ во Украина во четвртокот, откако ги призна двете енклави под контрола на сепаратистите во источна Украина. Тој истакна дека Москва нема план за окупација на својот сосед, туку сака да ја „демилитаризира“ и „денацифицира“ Украина.
Како одговор, западните сили воведоа финансиски санкции кон Москва, а ЕУ одлучи да финансира снабдување со оружје на Украина, да го затвори нејзиниот воздушен простор за руските авиокомпании и да ги забрани руските државни медиуми.
Најмалку 368.000 Украинци ја напуштија земјата од почетокот на нападот, според Агенцијата на ОН за бегалци.