Admir Fazlagic
08 Ноември 2018•Ажурирај: 09 Ноември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Економската активност на Западен Балкан се има подобрено во изминативе три години, но потребно е повеќе да се вложува во инфраструктура и во човечки капитал, за да се дојде до индустриите што имаат поголема додадена вредност, кои може да ги зголемат платите. Ова беше еден од заклучоците од денешните панел-дискусии со што во Скопје официјално започна седмото издание на економскиот Самит „Македонија 2025“ , јавува Anadolu Agency (AA).
Во рамките на Самитот „Македонија 2025“, истакнати личности од глобалниот бизнис ќе ги запознаат стопанствениците во Македонија со најновите светски трендови во економијата, инвестициите и технолошките иновации. Дел од денешните панел-дискусии се поврзани со сеопфатен економски осврт на светот и регионот, споредба на стратегиите за привлекување директни странски инвестиции, како и најдобрите практики на светско ниво.
Максимилијан Ламбертсон, водечки аналитичар за Источна Европа во „The Economist Intelegence Unit“, Велика Британија, во изјава за медиумите рече дека учествувал на дискусија каде што дискутирале за перспективите за инвестиции во регионот на Западен Балкан, истакнувајќи дека има поголем напредок во последно време, но рече дека сепак, може да се направи повеќе, да се тргува повеќе, да се извезува повеќе.
Според него, потребно е повеќе да се вложува во инфраструктура и во човечки капитал, за да се дојде до индустриите што имаат поголема додадена вредност кои може да ги зголемат платите.
Ламбертсон рече дека економската активност на Западен Балкан се има подобрено во изминативе три години.
„Регионот мина низ значителен период на приспособување по светската економска криза во 2007-09, кога инфлацијата достигна историски најниски нивоа, што овозможи поусогласена монетарна политика која поддржува раст. Предвидуваме просечен раст на реалниот БДП од речиси 3,3 во 2018-22 кај земјите на Западен Балкан“, рече Ламбертсон.
Дубравка Негре, раководител на Европската инвестициска банка на Одделот за Западен Балкан, за медиумите изјави дека тие со своите активности во Македонија се присутни веќе 40 години, каде што реализирале најмалку 26 проекти.
„Само во изминатите 10 години имаме проекти во вредност од 550 милиони евра, од коишто се ослободени 515 милиони евра. Ова е стапка на искористеност од 95 отсто, што е една од највисоките во регионот“, рече Негре.
Таа информираше дека Европската инвестициска банка со Македонија годинава потпишала нов договор за финансирање од 100 милиони евра, за мали и средни претпријатија преку Македонската банка за обнова и развој. Овие пари, како што рече, ќе овозможат средства со конкуретни каматни стапки за претприемачите во земјата, додавајќи дека само со овој договор ќе помогнат да се одржат 1800 работни места во Република Македонија.
Во рамките на Самитот „Македонија 2025“ ќе бидат презентирани успешните компании во Македонија, а утре во фокусот ќе бидат дигиталната трансформација, најновите технологии во здравството и земјените индустрии.
На Самитот ќе има повеќе од 15 панел-дискусии, неколку интерактивни настани за вмрежување и ден за спортски активности.