Husameddin Gina
16 Ноември 2018•Ажурирај: 16 Ноември 2018
СКОПЈЕ (АА) – Буџет за растечка економија, за социјална праведност, за поквалитетни здравствени услуги и за подобро живеење на сите граѓани најавија премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, и министерот за финансии, Драган Тевдовски, на денешната заедничка прес-конференција во Владата, јавува Anadolu Agency (AA).
Осврнувајќи се на значајните детали за буџетот на Република Македонија во 2019 година, премиерот Зоран Заев наведе дека политиката на Владата за 2019 година е во функција на обезбедување економски раст, социјална сигурност и забрзано евроатлантско интегрирање.
Според него, буџетот за 2019 е дизајниран да ја одржи макроекономската стабилност и да овозможи фискална консолидација.
Одговарајќи на новинарско прашање дали министрите во буџетот за 2019 година го добија она што го бараа, Заев истакна:
„Не добија сите министри тоа што го бараа, затоа што буџетот има лимит и рамка, а впрочем и не заслужуваат во делот на реализацијата на капиталните инвестиции. Јас се надевам дека прво објективните причини се тргнати. А тоа е недоволноста на проектите, незавршени тендерски постапки и слично“, рече Заев.
За изградбата на Клиничкиот центар Зоран Заев нагласи дека следната седмица ќе има дебата во Парламентот и посочи дека клиничката болница е џиновски проект, проектиран грубо кажано на околу 450 милиони евра.
„Во Владата заврши комисијата за делот на локациите. Покрај постојната локација овде во Скопје Север, имаме локација и во Петровец, имаме локација и во Ѓорче Петров. Заедно, откако ќе ја утврдиме локацијата, јас верувам дека предностите ќе бидат немање потреба да се решаваат имотно-правните односи“, изјави Заев.
Во однос на гасификацијата премиерот Заев истакна дека се гради со засилено темпо.
Министерот Тевдовски на денешната прес-конференција најави капитални проекти во патната, железничката и енергетската инфраструктура, како и вложувања во земјоделството.
Тој очекува економскиот раст да се придвижи поради зголемената лична потрошувачка.
- Максимален буџет од 3,7 милијарди евра во 2019 година
Портпаролот Миле Бошњковски вчера соопшти дека за следната, 2019 година, планиран е максимален буџет од 3,7 милијарди евра.
Со предлогот на Министерството за финансии, предвидено е вкупните приходи во државната каса за 2019 година да изнесуваат 210,8 милијарди денари, а вкупните расходи, 228,5 милијарди денари.
Растот на БДП е проектиран на 3,2 процента, а стапката на инфлација на 2 процента. Буџетскиот дефицит е проектиран на 2,5 проценти или 17,7 милијарди денари, што е за 500 милиони денари помалку во однос на годинава.