Abdel Ra'ouf D. A. R. Arnaout
15 Јуни 2022•Ажурирај: 16 Јуни 2022
КУДС (АА) - Египет, Израел и Европската Унија потпишаа Меморандум за разбирање во Каиро за извоз на израелски гас во Европа, јавува Агенција Анадолија (АА).
Израелската министерка за енергетика, Карин Елхарар, објави видео на нејзиниот профил на Твитер за потпишувањето на трилатералниот договор.
„Денеска, Египет и Израел заедно се обврзаа да го споделат нашиот природен гас со Европа и да помогнат во енергетската криза“, рече Елхарар по церемонијата на потпишувањето.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го поздрави потпишувањето на договорот.
„Топло го поздравувам потпишувањето на овој историски договор помеѓу Израел, Египет и Европската Унија“, рече таа.
Вчера, израелскиот канал „и24“ (i24) објави дека Елхарар ќе се сретне со претседателот на Египет, Абдел Фатах ал Сиси и други високи претставници, вклучително и министерот за нафта и природни ресурси, Тарек ел Мола, за потпишување на договорот за пренос на гас од Израел во Египет преку постоечките цевководи и потоа за втечнување во Египет пред да се извезе во Европа.
„Јас сум благодарна што Израел ќе го зголеми снабдување со енергија за Европа“, вели Фон дер Лајен на Твитер.
По започнувањето на војната на Русија во Украина, ЕУ се обиде да ја намали својата зависност од енергија од Москва и бараше енергетски договори со други земји, вклучително Израел и Египет.