Ekip
15 Јуни 2022•Ажурирај: 16 Јуни 2022
БРИСЕЛ (АА) - Шведска и Финска се подготвени да соработуваат со Туркије за легитимната безбедносна загриженост на земјата во врска со тероризмот, изјави денеска челникот на НАТО, Јенс Столтенберг, јавува Агенција Анадолија (АА).
На прес-конференцијата пред состанокот на министрите за одбрана на земјите членки на НАТО, Столтенберг објасни дека НАТО сега „активно работи на следните чекори во процесот на пристапување“ на Шведска и Финска.
Тој истакна дека Туркије е важен сојузник кој „изразил загриженост за одредени специфични прашања, особено поврзани со борбата против тероризмот“.
Столтенберг, исто така, истакна дека Туркије има „легитимна загриженост поврзана со нејзината борба против групата ПКК и други [терористички] организации“, додавајќи дека ПКК се смета за терористичка организација од страна на НАТО, ЕУ, како и од Финска и Шведска.
Челникот на НАТО, исто така, ги поздрави пораките од Финска и Шведска дека се „подготвени навистина да преземат активности и да соработуваат поблиску со Туркије за да се реши нејзината безбедносна загриженост поврзана со тероризмот“.
Тој рече дека е уверен дека иако можеби ќе биде потребно повеќе време од првично планираното, сојузниците ќе најдат решение за членството на Шведска и Финска, особено затоа што Туркије е исто така за политика на отворени врати на НАТО.
Во терористичката кампања против Туркије што трае повеќе од 35 години, терористичката организација ПКК, која е на листата на терористички организации во Туркије, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија, одговорна е за смртта на најмалку 40.000 луѓе, жени, деца и доенчиња.
Запрашан за напорите на НАТО во помагањето на извозот на храната за Украина, Столтенберг рече дека се надева дека напорите на Туркије за овозможување испорака на украинско жито од пристаништата на Црното Море ќе доведат до решение.
Коментарите дојдоа како реакција на дипломатските напори на Анкара за отворање коридор за извоз на жито во Црното Море за да се спречи глобална криза во храната.