Sibel Morrow
03 Ноември 2022•Ажурирај: 04 Ноември 2022
АНКАРА (АА) - Русија стана најголемиот снабдувач на нафта во Индија, надминувајќи ги Саудиска Арабија и Ирак, бидејќи рафинериите купуваат руска сурова нафта со големи попусти поради санкциите наметнати од Европската Унија насочени кон рускиот сектор на јаглеводороди, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Ова го соопшти компанијата за мониторинг и информации за енергетскиот карго сообраќај „Вортекс“.
Од почетокот на Руско-украинската војна на 24 февруари, Индија, третиот по големина увозник на нафта во светот, зазеде цврст став во инсистирањето за купување руска нафта што сега се продава со огромни попусти, и покрај забраната од ЕУ.
Со 946.000 барели дневно во октомври, Русија на Индија ѝ обезбеди најголеми количества сурова нафта во еден месец. Поточно, обезбеди 22 отсто од вкупниот увоз на сурова нафта во Индија, во споредба со увозот од 16 отсто од Саудиска Арабија и 20,5 отсто од Ирак.
Во октомври глобалниот увоз на сурова нафта скокна за 5 отсто во споредба со септември, додека увозот од Русија се зголемил за 8 отсто, според „Вортекс“, кој има канцеларии во Сингапур и Лондон и кој ги следи бродовите со нафта и гас низ целиот свет и нуди аналитика за каргото и залихите на енергенси.
Увозот на руска сурова нафта на Индија по морски пат се зголеми. Покрај тоа, Индија во октомври од Русија купи мазут со рекордно количество од 106.000 барели дневно.
Како резултат на сериозните намалувања на цените што следуваа по февруарската инвазија врз Украина, уделот на Русија на пазарот во Индија значително се зголеми на помалку од 1 отсто колку што изнесуваше во 2021 година.