Gülbin Yıldırım
18 Октомври 2017•Ажурирај: 19 Октомври 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Шефот на Канцеларијата на Светската банка за Турција, Јохансен Зут, најави дека Светската банка ќе го ревидира и ќе го зголеми очекуваниот економски раст на Турција на 5 или на 5,1 отсто бидејќи сите параметри укажуваат дека и во третиот квартал ќе бидат задржани силните позитивни трендови, јавува Anadolu Agency (AA).
По годишниот состанок на Светската банка и на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Њујорк, Зут за АА истакна дека турската економија брзо ги надминала шоковите што ги доживеа во текот на минатата година и оти има стабилен тренд на брз раст.
„Светската банка наскоро ќе го објави ревидираниот очекуван раст на турската економија и тој ќе биде сличен на ревидираната проекција на ММФ, која е 5 или 5,1 отсто“, изјави Зут.
Истакнувајќи дека многу меѓународни институции се изненадени од стабилниот и брз економски раст на Турција, Зут изјави дека важна улога во тоа има добрата финансиска политика на турската Влада.
„Економскиот раст на Турција нагло падна по минатогодишниот обид за воен удар, но со добрата економска политика, Владата ги искористи постоечките финансиски ресурси и ја стабилизираше ситуацијата. За забрзаниот раст на турската економија придонесоа и поволните надворешни услови, со оглед на позитивната слика на економскиот раст во Европа. Сметам дека тоа се основните причини за брзата консолидација и замавот на турската економија кој изненади многумина, па и Светската банка“, изјави Зут.
Тој истакна дека Светската банка очекува оти турската економија наредната година ќе има раст меѓу 3,5 и четири отсто, и рече дека планот на турската Влада во наредните три години да оствари раст од 5,5 отсто е навистина остварлив.
Раководителот на претставништвото на Светската банка за Турција, Зут, исто така изјави дека Турција треба да продолжи да спроведува структурни реформи за да оствари брз и одржлив развој. Тој додаде дека во прв ред, мислат на јакнење на пазарот на труд, капиталот, јавната потрошувачка, образованието и дугите сектори.
Тој, исто така, укажа на потребата за воведување нови технологии во турското производство и додаде дека посебен ризик претставува тоа што во Турција постои голема разлика меѓу штедењето и инвестициите.
„Голема е разликата во штедењето и во обемот на инвестиции во Турција. Најголема слабост на економијата е зависноста од странските текови на капиталот“, изјави Зут.
Осврнувајќи се и на ситуацијата во турскиот туризам, Зут изјави дека по низата теористички напади и политички тензии, дошло до нагло опаѓање на бројот на туристите во таа земја.
„Туристичкиот сектор е важен за економијата, но мислам дека тој никогаш нема да го има некогашниот придонес. Во просек, гледаме дека туристот денес значително помалку троши отколку претходно. Затоа и доколку дојде до враќање на бројот на туристите од периодот пред 2014 година, тоа нема да значи дека е вратен и некогашниот придонес во економијата“, изјави Зут.