Ata Ufuk Şeker
24 Февруари 2016•Ажурирај: 25 Февруари 2016
БРИСЕЛ (АА) - Според истражувањето на германската фондација "Bertelsmann Stiftung", суспензијата на Шенгенскиот договор во наредните десет години би ја чинело Европската унија помеѓу 427 милијарди и 1,4 трилиони евра, јавува Anadolu Agency (AA).
Официјалниот претставник на Фондацијата, Тиес Петерсон, за АА рече дека е јасно дека повторното воспоставување на контрола на границите на земјите од Шенген зоната ќе има неизбежни негативни економски последици.
„Воведувањето контрола на границите би ги зголемило трошоците за транспорт и складирање на стоката. Крајот на Шенгенот би ги зголемило и тошоците за производство, а сето тоа води до неизбежно зголемување на цената на стоките”, рече Петерсон.
Петерсон понатаму тврди дека растот на цените ќе придонесе до намалување на побарувачката на стока на пазарот, извозот и инвестициите, а сето тоа на крај ќе има негативен одраз на економскиот раст во цела Европа.. Додаде дека тие негативни влијанија ќе ги погодат и економиите на Кина, САД и другите земји ширум светот кои се активни актери на европскиот пазар.
Истражувањето за тешките последици од суспензијата на Шенгенот, економските експерти од Фондацијата го спровеле врз база на можни сценарија, најповолното и најпогубното. Истражувањето се однесува на 24-те членки на ЕУ и не ги вклучува Луксембург, Малта, Јужен Кипар и Хрватска.
„Според позитивното сценарио, цените на увезената стока во Европа ќе пораснат за еден процент и тоа би значело слаб економски раст. Вкупната штета по европската економија во тој случај, за период од оваа до 2025 година, би била 427 милијарди евра. Од друга страна, во случај на лошото сценарио, цените на увезената стока би пораснале за три отсто, а тоа европската економија би ја чинело дури 1,4 трилиони евра”, рече Петерсон.
Според резултатите од истражувањето и зависно од сценариото, крајот на Шенгенот Франција би ја чинел од 80 до 244 милијарди евра. Проектираните загуби за Велика Британија се од 87 до 264 милијарди, за Германија од 77 до 234 милијарди, за Италија од 49 до 148, а за Шпанија од 46 до 140 милијарди евра.
Шенгенскиот договор овозможува слободно движење на луѓе и стоки во 26 земји од Европа, а неговата суспензија и повторното воспоставување контрола на границите е наметната минатата година, кога Европа се соочи со големиот бегалски бран од со војна зафатената Сирија.
Откако одредени членки на Шенген зоната поставија контрола на границите, Европската комисија соопшти дека суспензијата на тој договор би носела директна годишна загуба од 18 милијарди евра.