Nuran Erkul Kaya
16 Септември 2021•Ажурирај: 17 Септември 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Трансјадранскиот гасовод (ТАП) испорача вкупно 5 милијарди кубни метри природен гас од Азербејџан во Европа, соопшти компанијата ТАП АГ, која раководи со гасоводот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Гасоводот, европскиот дел од Јужниот гасен коридор, започна со работа кон крајот на минатата година.
ТАП се поврзува со Трансанадолискиот гасовод за природен гас (ТАНАП) на турско-грчката граница, пренесувајќи природен гас од полето Шах Дениз во азербејџанскиот сектор на Каспиското Море до Европа.
Гасоводот долг 878 километри, по поврзувањето со ТАНАП на турско-грчката граница во Кипој, минува низ Грција и Албанија, Јадранското Море и излегува на брегот во Јужна Италија.
„Многу сме задоволни што ја достигнавме оваа важна одредница и ја консолидиравме улогата на ТАП како сигурен системски оператор за пренос во европскиот енергетски сектор. Покрај тоа што овозможува енергетска сигурност и диверзификација на повеќе пазари, обемот на гас доставен преку ТАП ја поддржува енергетската транзиција, особено во Југоисточна Европа“, истакна Лука Шиепати, управен директор на ТАП.
Шиепати нагласи дека ТАП АГ ќе тежнее кон можностите за транспорт на јаглеродно неутрални извори на енергија како што е водородот, што ќе помогне да се намалат емисиите во согласност со целите за енергетска транзиција на Европската Унија.
Од компанијата се додава дека гасоводот има капацитет за пренос на околу 10 милијарди кубни метри годишно до неколку пазари во Европа, но е направен со потенцијал да го прошири својот капацитет на 20 милијарди кубни метри годишно.
Акционери во ТАП се БП, СОКАР и „Снам“ со по 20 отсто од акциите, „Флуксис“ со 19 отсто, „Енагас“ со 16 отсто и „Акспо“ со 5 отсто.