Arife Yıldız Ünal
02 Февруари 2024•Ажурирај: 04 Февруари 2024
АНКАРА (АА) - Целта на Туркије за бројот на патници кои користат авионски превоз оваа година е нагорно ревидирана на 230,8 милиони од претходната цел од 222,2 милиони, пренесува Анадолу.
Бројот на авионски патници, вклучувајќи ги и директните транзитни патници, се очекува да порасне за 7,7 отсто, односно од 214,2 милиони во 2023 година на 230,8 милиони во 2024 година, според неодамна ревидираните податоци до кои дојде новинарот на Анадолу од Дирекцијата на Државната управа за аеродроми (DHMI).
Во 2025 година се очекува бројката да достигне 239,5 милиони патници.
- Бројот на домашните патници ќе забележи најголем пораст
Бројот на домашни патници се очекува да расте на 101,7 милиони оваа година, што е за 11,8 отсто повеќе од 91 милион регистрирани во 2023 година.
Податоците покажуваат дека бројката се очекува да достигне 106,2 милиони во 2025 година.
Според проекциите, бројот на меѓународни патници, што минатата година достигна 122,9 милиони, ќе се зголеми за 4,6 отсто на 128,6 милиони во 2024 година.
Во 2025 година се очекува бројката да достигне 132,8 милиони.
- Воздушниот сообраќај ќе се зголеми
Воздушниот сообраќај во Туркије минатата година забележа 2,1 милион авиони, вклучително и прелети, а се очекува тој да се зголеми на 2,3 милиони во 2024 година.
Се предвидува дека оваа бројка ќе порасне на 2,4 милиони во 2025 година, според податоците.
Домашниот воздушен сообраќај се очекува да има 947.800 авиони во 2024 година, додека меѓународниот авионски сообраќај ќе се искачи на 859.100.
Каргото што се движеше на аеродромите низ Туркије минатата година достигна 4,2 милиони тони, но оваа година се очекува бројката да биде 4,1 милион тони, додека во 2025 година се проценува дека бројот повторно ќе се зголеми на 4,2 милион тони.