Kadir Yıldız
04 Јуни 2022•Ажурирај: 06 Јуни 2022
КОЏАЕЛИ (АА) - Во градот Коџаели во Туркије (Турција), се одржува 14. по ред натпревар на пеливани, борачи кои се борат намачкани со маслиново масло, известува Агенција Анадолија (АА).
На овогодинешниот турнир учествуваат околу 1.000 пеливани намачкани со маслиново масло кои ќе се натпреваруваат за титулата башпеливан (шампион).
Ова традиционално натпреварување на пеливани, кое секоја година привлекува сè поголем број гледачи од сите краеви на Турција, трае два дена.
Турнирот завршува во недела со главните борби за башпеливан, односно шампион, а најдобриот на крајот ќе добие златен појас.

Натпреварите некогаш биле временски неограничени и борбите траеле со часови, па дури и денови, додека еден од пеливаните не го легне противникот на грб. Сега ситуацијата е поинаква, бидејќи борбите се временски ограничени, а најнеизвесните борби завршуваат со судиско бодирање.
Борењето, како една од најстарите боречки вештини и спортски дисциплини, е познато уште пред Стара Грција. Во Кина боречките натпревари биле познати уште пред 3.000 години.
Борењето нема свој творец, па може да се каже дека е старо колку и самото човештво. Се користело како најефикасна подготовка на војниците за борба. Борењето е спортско натпреварување во кое двајца натпреварувачи се борат за да го совладаат противникот, користејќи различити зафати, при што забрането е удирање.

– Башпеливаните се исклучително ценети
Речиси секој народ на светот има свој традиционален стил на борење. Во Турција и денес се одржува најмасовното натпреварување на борачи - пеливани намачкани со маслиново масло, а борењето е воедно и национален спорт во оваа земја.
Борачите кои се борат намачкани со маслиново масло во Турција се нарекуваат пеливани, што во превод од персиски јазик примарно значи лице кое се одликува со извонредна храброст и моторика.
Башпеливаните, односно победниците на натпреварувањето, се исклучително ценети во Турција. Како споредба, станува збор за сличен статус што во Јапонија го имаат победниците во сумо натпреварите.