Tolga Yanık
28 Декември 2024•Ажурирај: 29 Декември 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Одбранбената индустрија на Туркије достигна 70 отсто домашен производствен капацитет во 2024 година, се вели во извештајот на Асоцијацијата на независни индустријалци и бизнисмени (МУСИАД) за одбранбената индустрија на Туркије за 2024 година, јавува Анадолу.
Во него се наведува моменталната состојба и идните проекции на домашната одбранбена индустрија како и дека се постигнати значајни успеси во стратешките производи, со зголемување на домашниот производствен капацитет на 70 отсто.
Извештајот вклучува евалуација на Одборот за одбранбена индустрија на МУСАИД, кој укажува дека странската зависност во моторите и системите за пренос на енергија треба да се намали.
Извештајот истакнува дека сè уште постои странска зависност од ресурсите за моторите и системите за пренос на енергија за главниот борбен тенк АЛТАЈ и други платформи. Нагласува дека домашното производство на мотори е од клучно значење.
Претседателот на одборот на одбранбената индустрија на МУСАИД, Фатих Алтунбаш, чии ставови се вклучени во извештајот, истакна дека зголемувањето на напорите за истражување и развој во напредните технологии за материјали е од клучно значење.
„Треба да се зголеми домашното производство и да се намали зависноста од странство во полињата на напредна технологија во композитни материјали како што се графен, наноматеријали и јаглеродни влакна“, рече тој.
Алтунбаш нагласи дека зависноста од странство за компоненти како што се полупроводници и микропроцесори и понатаму е присутна во турската одбранбена индустрија, додавајќи дека инвестициите на Туркије на овие полиња треба да се интензивираат.
Тој рече дека развивањето на програми за обука за зголемување на квалификуваните човечки ресурси во секторот и зајакнувањето на соработката меѓу државните универзитети и индустријата се клучни за одржливоста на секторот.
„Тоа има за цел да ја намали зависноста од странство во воздухопловните и вселенските системи со проектите на Националниот борбен авион (MMU) и ЃокТурк“, се вели во извештајот.
„Продолжува работата за млазните мотори и сателитските технологии.
„Во сензорските технологии, постои потреба од развивање национални решенија за инфрацрвени, квантни сензори и други напредни сензори“, се наведува во извештајот.
Извештајот се осврна и на стратешките приоритети во проектите како што е тенкот АЛТАЈ и се наведува дека е утврдена транзиција кон хибридните и електрични погонски системи од моторите со внатрешно согорување.
Понатаму се истакнува дека домашното производство на клучни материјали како што е барутот и зајакнувањето на синџирот на снабдување се од стратешко значење за целите на независната одбранбена индустрија.