Gorana Jakovljevic
27 Декември 2024•Ажурирај: 29 Декември 2024
БАЊА ЛУКА (АА) - Црногорскиот министер за правда, Бојан Божовиќ, потпиша одлука со која се наложува До Квон, познат и како „крал на криптовалутите“, да ѝм биде екстрадиран на Соединетите Американски Држави (САД), известува Анадолу.
Во соопштението на Министерството за правда на Црна Гора се наведува дека државниот Врховен суд претходно донел одлука со која утврдува дека се исполнети условите пропишани со закон за екстрадиција на До Квон, по барањето за екстрадиција на надлежните органи на Република Кореја и барањето за екстрадиција на надлежните органи на САД.
Се наведува дека се разгледани фактите и околностите, и во предвид се земени тежината на кривичните дела, местото на извршување, редоследот на поднесување на барањето, државјанството на бараното лице и други околности.
„Констатирано е дека повеќето критериуми предвидени со закон одат во прилог на барањето за екстрадиција на надлежните органи на САД. Врз основа на тоа, министерот за правда донесе решение со кое се дозволува екстрадиција на Квон До Хјунг во САД, а во исто време се одбива екстрадиција во Република Кореја“, се вели во соопштението за медиуми на Министерството за правда на Црна Гора.
До Квон, државјанин на Јужна Кореја, беше ко-основач и извршен директор на „Terraform Labs“ со седиште во Сингапур, а во САД се смета за одговорен за измама на граѓани бидејќи инвеститорите изгубиле повеќе од 40 милијарди долари по колапсот на криптовалутите Terra, Luna и Terraform Labs. До Квон минатата година беше приведен во Подгорица.