Ali Kemal Akan
24 Април 2022•Ажурирај: 28 Април 2022
АМАН
Кралскиот музеј на автомобили во Аман, главниот град на Јордан, во кој се изложени 70 познати типови автомобили, на посетителите им нуди единствено искуство и поглед на раскошното минато на јорданското кралско семејство, известува Агенција Анадолија (АА).
Основан во 2003 година на идеја на јорданскиот крал Абдула II, со желба да му оддаде почит на својот татко, кралот Хусеин, кој почина во 1999 година, музејот им ја презентира на посетителите приказната за Јордан на модерен и единствен начин - низ приказ на десетици модели класични автомобили и мотоцикли од приватната колекција на кралот Хусеин.

Прикажаните возила, од величествениот модел пред 1950-тите до современите спортски автомобили, ги карактеризира единствена приказна, намена, изглед и квалитет.
Ова место е првиот автомобилски музеј отворен за јавноста во арапскиот свет и укажува на историјата на Кралството Јордан од 1920-тите години до денес.
Возилата што ги користеле кралот Абдула и кралот Хусеин изложени се во музејот, изградени во спомен на поранешниот јордански крал.

– Првото возило и мотоцикл
Музејот поседува и копија на „бенц патент-моторваген“, првото возило во историјата. Ова возило од 1886 година произведено е од Германецот Карл Бенц.
Бенц со овој изум го смени начинот на животот на човештвото, се изградија патишта, фабрики за автомобили, зголемена е мобилноста меѓу луѓето.

Во музејот може да се види примерок на експерименталниот мотоцикл на Дајмлер, познат како „татко на мотоциклите“.
Меѓу експонатите се наоѓаат и „винсент 998 cc блек шедоу“, најбрзиот мотоцикл во 1948-тите, и „браф супериор СС 80“.
– Ретки автомобили
Во музејот се изложени и возила од марката „линколн“, кои ги преферираат американските претседатели. Овие возила, што ги користи и кралското семејство, заземаат важно место во историјата на Јордан.
Ленд ровер-В8 дефендер, што го користеше папата Франциск во текот на посетата на Јордан во 2014 година, е меѓу изложените експонати во музејот. Знамињата на Јордан и на Ватикан поставени се во предниот дел од возилото посебно дизајнирано за посетата на папата.

Во музејот може да се види и автомобилот „мерцедес бенц СЛР Мекларен Стирлинг Мос“, еден од најретките и најбрзите автомобили произведени во светот.
Во музејот се наоѓа и примерок на „ферари Ф50“, специјално произведен по повод 50-годишнината од основањето на компанијата во 1996 година. Ова возило, кое е произведено во само 349 примероци, го користел и кралот Хусеин.

– Возила од холивудските филмови
Возилата користени во филмовите снимени во Вади Рам (Долина на месецот) во Јордан, заштитено пустинско подрачје од голема вредност, се меѓу изложените примероци во музејот. Овие возила, кои филмските куќи ги донираа во музејот, посетителите ги разгледуваат од љубопитност.
Во музејот можат да се видат возилата „Стар ворс спидер“ од филмот „Издигнувањето на Скајвокер“ („Rise of Skywalker“) и „Мартијан ровер“ од филмот „Марсовец“ („The Martian“).
Меѓу изложените модели се наоѓа и примерок користен во снимањето на научно-фантастичниот филм „Трон“.
