Ahmet Furkan Mercan
01 Март 2023•Ажурирај: 04 Март 2023
ТОКИО (АА) - Во 2022 година е забележан рекорден пад на бројот на новороденчиња во Јапонија. Изминатата година за првпат бројот на новороденчиња падна под 800.000, известува Анадолу.
Јапонското Министерство за здравство, труд и благосостојба ги ажурираше годишните стапки на раѓање, смртност и на склучени бракови.
Според тие податоци, бројот на новороденчиња во периодот јануари-декември 2022 година изнесува 799.728, што претставува намалување од 5,1 отсто во однос на истиот период 2021 година.
Ова е најниска бројка на новороденчиња откако Јапонија во 1899 година официјално започна да води статистика за новородените бебиња.
Според проценката на Министерство за здравство, труд и благосостојба од 2017 година, бројката на новороденчиња на годишно ниво во Јапонија се очекувало да падне под 800.000 во 2033 година.
Од друга страна, бројот на новороденчиња во Јапонија во 2021 година е намален на 811.604, што претставува намалување од 29.231 бебе во однос на бројката на новороденчиња во 2020 година.
Според статистичките податоци, бројот на новороденчиња во Јапонија во 1973 година изнесувал 2,09 милиони. Во 1984 година бројката на новороденчиња се намалила на 1,5 милиони, додека во 2016 година бројката на новороденчиња паднала под 1 милион.
Во Јапонија, која има попуалција од 125 милиони жители, владата истакнува дека е потребно зголемување на мерките против брзо стареењето на населението.