Emre Aytekin
08 Септември 2018•Ажурирај: 08 Септември 2018
ТОКИО (АА) - Бројот на загинати во земјотресот со интензитет од 6,7 степени што пред два дена го потресе островот Хокаидо, во северниот дел на Јапонија, се искачи на 30 лица, пренесува Anadolu Agency (AA).
Раководството на Хокаидо соопшти дека земјотресот предизвикал голем број свлечишта во планинските шумски делови на островот, во кои животот го загубиле 30 лица, а 9 лица сè уште се водат како исчезнати.
Во соопштението се наведува дека во тек се спасувачки операции за пронаоѓање на исчезнатите лица, за кои се претпоставува дека останале под свлечиштата.
Причината за смртта, освен на 3 лица, се свлечиштата во шумските планински предели кои ги урнаа населените места сместени во подножјето на планините.
По прекинот на електричната енергија што го предизвика земјотресот, електрична енергија добија околу половината од домаќинствата на островот на кој живеат 5,4 милиони лица. Повторно е отворен и меѓународниот аеродром.
Автомобилскиот гигант „Тојота“, кој во ова подрачје има фабрики во кои се изработува поголемиот дел од автомобилските мотори, објави дека поради состојбата на катастрофа, привремено го прекинал производството.