Ekipa
29 Март 2022•Ажурирај: 31 Март 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Холивудскиот актер Вил Смит му се извини на Крис Рок кому му удри шлаканица на Оскарите по непримерните шеги на комичарот за сопругата на Смит, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Смит во објава на Инстаграм рече дека неговото однесување на 94-тото доделување на наградите било неприфатливо и непростливо.
„Насилството во сите негови форми е отровно и деструктивно. Моето однесување на синоќешното доделување на Оскарите беше неприфатливо и непростливо“, напиша Смит во објавата на Инстаграм.
Тој додаде дека шегите на негова сметка се дел од работата, но дека шегите за здравјето на неговата сопруга, актерката Џејд Пинкет Мит, која веќе некое време се бори со болест која предизвикува опаѓање на косата на делови од главата, било премногу.
„Би сакал јавно да ти се извинам, Крис. Бев без разум и направив грешка. Се срамам и моите постапки не укажуваа на човекот што сакам да бидам. Нема место за насилство во светот на љубов и добрина“, напиша Смит, кој ја освои наградата за најдобар актер.
За време на својот говор, Рок непримерно се пошегува на сметка на Џејд Пинкет Смит за нејзината фризура. Потоа ја споредил со Г.И. Џејн, популарен филмски лик кој го игра Деми Мур. Смит потоа излезе на сцената и му удри шлаканица на Рок.
Академијата за филмски уметности и науки ги осуди претходните постапки на Смит.
„Официјално започнавме истрага за инцидентот и ќе ги испитаме понатамошните дејствија и последици во согласност со нашите политики, стандарди на однесување и законите во Калифорнија“, додаде Академијата.