Behlül Çetinkaya,Gülsüm İncekaya
29 Март 2022•Ажурирај: 29 Март 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - По воведниот говор на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган започна средбата на преговарачките делегации на Русија и Украина во Истанбул, јавува Агенција Анадолија (АА).
На состанокот, кој започна во претседателската палата Долмабахче, најпрвин пристигна украинската, а потоа и руската делегација.
Планирано е преговорите во Истанбул да траат два дена.
Ердоган во воведниот говор пред започнувањето на преговорите истакна дека Турција покажала фер пристап за заштита на правата, законите, чувствителноста и на руската и на украинската страна на сите меѓународни платформи.
„Вие како членови на делегациите презедовте историска одговорност. Целиот свет чека добри вести кои ќе дојдат од вас. Со водство на вашите лидери се поставува темелот на мирот. Подготвени сме да дадеме секаков придонес што ќе ви ја олесни работата“, нагласи Ердоган.
Како резултат на контактите на турскиот претседател со двете страни беше одлучено делегациите, кои претходно се сретнаа во Белорусија, следната средба да ја одржат во Истанбул.