Fuat Kabakcı
20 Февруари 2019•Ажурирај: 21 Февруари 2019
ПЕКИНГ (АА) – Ученик во Кина купил робот за да му пишува домашна задача, што предизвика дебати на социјалните медиуми, пренесува Anadolu Agency (AA).
Како што пишува „South China Morning Post“ ученичка од градот Хангкоу во покраината Џеѓанг, за Празникот на пролетта, без да знаат нејзините родители купила робот од околу 800 јуани (околу 100 евра) за да ѝ ја изработува домашната задача.
Роботот којшто можел да пишува без грешка, а исто така можел и да го имитира ракописот, домашните задачи на ученичката за еднонеделниот Празник на пролетта ги завршил за многу кратко време.
Џанг, мајката на ученичката, се зачудила како нејзината ќерка успеала да ја заврши домашната работа за толку кратко време. Таа, исто така, потенцирала дека домашните задачи биле напишани без ниту една грешка.
Џанг при чистењето на собата на нејзината ќерка го открила роботот што можел „да ги имитира сите ракописи“. Откако дознала за ситуацијата, мајката се налутила и го искршила роботот.
Мајката на ученичката го споделила случајот преку кинеската социјална мрежа „Weibo“ и напишала: „Може да ви помогне да ја напишете домашната задача, но дали може да ви помогне и кога ќе полагате испити?“ По споделувањето, пораката била прочитана 13 милиони пати, а над 3000 пати била повторно споделена. Исто така зголемен е интересот за роботот кој се продава на платформа за е-трговија.
Одредени интернет-корисници, во врска со објавата на мајката, напишале дека е погрешно ученичката на тие години да користи робот за пишување на домашните задачи, други пак, биле со мислење дека „на учениците треба да им се даваат креативни домашни задачи и да се реформира образованието кое е причина учениците да бидат преоптоварени со досадни и тешки задачи“.
Во Кина на учениците им се даваат задачи да напишат текстови во тетратките или на пергамент-хартија, слични како што се текстовите и статиите напишани во книгите.
Роботот за пишување се состои од метална рамка со правоаголна форма за да може да се постави пергамент-хартија, и роботска рака која пишува.