Övünç Kutlu
18 Мај 2018•Ажурирај: 19 Мај 2018
ЊУЈОРК (АА) - Претседателот на САД, Доналд Трамп, ги окарактеризира Кина и Европската Унија (ЕУ) како „разгалени“, јавува Anadolu Agency (AA).
Американскиот претседател по средбата со Јенс Столтенберг во Белата куќа одржа заедничка прес-конференција.
Трамп зборуваше за трговските преговори меѓу американските и кинеските претставници во Министерството за финансии на САД во Вашингтон, истакнувајќи дека се сомнева во успешното завршување на преговорите. „Дали преговорите ќе бидат успешни? Се сомневам, бидејќи Кина стана многу разгалена. Европската Унија стана многу разгалена. И останатите земји станаа многу разгалени, бидејќи сѐ што ќе посакаа од САД, секогаш 100 отсто добиваа. Нема да дозволиме повторно реализација на такво нешто“, рече Трамп.
Трамп во продолжение истакна дека Европската Унија, Јапонија, Јужна Кореја и останатите земји, со години од САД извлекувале „полни кофи“ пари, коментирајќи: „Трговијата за САД секогаш беше еднонасочна улица“.
Трамп истакна дека Кина со години ги измамува САД, додавајќи: „Но јас за тоа не ја обвинувам Кина. Ги обвинувам лидерите на нашата земја од минатото“.
Предупредување до земјите членки на НАТО за трошоците во одбраната
На состанокот во Кабинетот на Трамп, на кој учествуваше и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, станало збор за земјите членки на НАТО кои не ја исполниле обврската за трошоци во одбраната во висина од 2 отсто од бруто домашен производ (БДП), додавајќи дека „ќе се погрижат“ за тие земји.
Трамп потсети дека поголемиот дел од членките на НАТО ги исполниле своите обврски кон НАТО и трошоците во одбраната им се на ниво на 2 отсто од БДП, но додаде дека некои земји сѐ уште не ги исполниле своите обврски.
Заблагодарувајќи им се на 7 земји членки на НАТО коишто ги исполниле своите обврски, Трамп рече: „Има земји кои не ги исполнија своите обврски. Ќе се погрижат за нив“.
Специјално предупредување за Германија
Трамп на прес-конференцијата изјави дека трошоците во одбрана на земјите членки на НАТО од 2 отсто, според него, се мали и додаде: „Оваа бројка всушност треба да изнесува 4 отсто, 2 отсто е многу мала вредност“.
Зборувајќи за недостатоците во придонесот на Германија во одбраната, Трамп рече дека е потребно во рамките на НАТО да се покаже лидерската улога, при што за Германија го рече следното:
„Германија не ја обезбедува потребната поддршка, а има најголема корист. Отворено, многу повеќе од САД. Како дополнение на тоа, на Русија ѝ плаќа милијарди долари за огромни количества природен гас. Но тоа е прашање за кое ќе разговараме подоцна“.
Пофалби од Столтенберг за напорите на Трамп околу трошоците на членките на НАТО во одбраната
Столтенберг, кој седеше десно од Трамп, изјави дека ги цени напорите на американскиот претседател околу трошоците во одбраната на земјите членки на НАТО.
„Вашето лидерство по прашањето на буџетот за одбрана е од голема помош. Тоа делува кај сојузниците, бидејќи сега земјите членки ги зголемија трошоците во одбрана. Ниту еден сојузник не го скратува буџетот“, рече генералниот секретар на НАТО, Столтенберг.