Hacer Başer
03 Октомври 2018•Ажурирај: 04 Октомври 2018
ХАН ЈУНУС (AA) - Хани Ес-Сар -
Газа го оплакува 12-годишното момче по име Насер Азми Мусбих, кое е убиено за време на демонстрациите под називот „Голем марш за враќање“, одржани во петокот во Газа, јавува Anadolu Agency (AA).
Убиен е додека помагал на медицинските екипи за време на мирните демонстрации на границата со Газа. Роден е во 2006 година, а неговиот живот завршил многу рано со куршумот што го испукал израелски војник.
Во училиште тргнал во 2012 година, во време кога Газа беше под напади и кога на тоа подрачје можеа да се слушнат само звуци на оружје. Од раѓање па до смрт ова момче живеело во опкружување кое сведочи со тажни моменти исполнети со оружје, крв и солзи.
Беше еден од најуспешните ученици во училиштето „ Абдулкерим Керми“ во Хан Јунус. Тренирал кунг фу. Го сакаа сите што ги познавал. Зад себе остави семејство и голем круг на пријатели кои ја оплакуваат неговата прерана смрт.
Во училиштето во кое одел во првата клупа, до неговиот училиштен другар, стои слика. Слика на насмеано момче. Неговите сокласници со своите раце се обидуваат да ги сокријат солзите.
Еден од нив е Зија Ебу Хати.
„Во саботата се договоривме да се најдеме кај мене. Беше хафиз. Тој ден требаше да читаме Куран (света книга на муслиманите)“, раскажа Хати.
„Горд сум што имав пријател како него. Се гордеев со него. Беше многу паметно момче и сакав да бидам како него. Но тој замина“, порача ова момче.
Тешко му беше додека раскажуваше за својот другар. Солзите не можеше да ги сокрие.
„Ми беше најдобар другар. На сите им помагаше англиски јазик и прва помош. За време на демонстрациите им помагаше на медицинските екипи на терен. Секогаш му велев да не оди на границата за да не заврши како и другите момчиња што ги убија израелските војници“, раскажа Хати.
И неговиот наставник Кемал Неџар (50) имаше само пофални зборови за ова момче. Како што изјави, секогаш бил меѓу најуспешните во сите училишни активности.
„Сакаше да биде хирург. Но не ги оствари своите соништа“, порача Неџар.
Во куќата на ова 12-годишно момче владее голема тага. Членовите на семејството ги гледаат неговите работи и плачат. Мајката Симах Мусабих (41), додека го покажува неговиот појас од кунг фу и сертификатот за положен хафиз, раскажува за својот син.
„Беше поразличен од останатите деца“, изјави неговата мајка. „Најмногу сакаше спорт. На училишното радио учеше Куран, езан во џамијата“.
„Сакаше да ја види Палестина од другата страна на границата. Беше упорен да присуствува на демонстрациите. Секоја недела волонтираше со екипите за брза помош“, раскажа мајката Симах.
Како што рече таа, нејзиното момче било мета на снајперист.
„Моето дете им помагаше на екипите за брза помош. Не претставуваше опасност ниту закана за никого. Имаше само 12 години. Како можеше да претставува закана за војниците кои се опремени со модерно оружје и кои му пукаа во глава“, порача неговата мајка.
Израелските војници со употреба на боева муниција, во петокот на границата со Газа усмртија седум Палестинци, а ранија 90.
Палестинците од 30 март на границата на Појасот Газа и Израел организираат мирни протести под назив „Голем марш за враќање“. Од тогаш па до денес, за време на демонстрациите се убиени 35 малолетници.
Израелските војници против цивилите кои бараат враќање на територијата од која се протерани и укинување на блокадата воведена во 2006 година во Газа, користат муниција.
Во интервенцијата на израелските војници за време на демонстрациите од 30 март се убиени повеќе од 180 Палестинци.