ЊУЈОРК (АА) - Дилдар Бајкан
Хаки Акдениз, пица-мајстор кој живее во Њујорк, средствата од продажбата на џиновските пици ќе им ги испрати за настраданите од ураганот Флоренс, пишува Anadolu Agency (AA).
Акдениз, сопственикот на „Champion Pizza“, кој има седум ресторани во Њујорк, и кој е познат по својата грижливост и добродушност кон сиромашните и бездомниците, овој пат започна проект за погодените од ураганот Флоренс, кој минатиот месец ја погоди американската сојузна држава Северна Калифорнија.
Џиновска пица на 5 ката, со просечна тежина од околу 25 килограми, Акдениз ја продава за 2.000 долари. Средствата собрани од продажбата на овие пици, Акдениз ги намени за погодените од ураганот.
Во разговор за АА, Акдениз го раскажа процесот на изработка на овие пици и даде детали за проектот.
- Собрани се 30.000 долари
Акдениз рече дека на пиците што ги продава поединечно, поради големиот интерес, со тек на време им ја зголемува димензијата, со што расте и цената на производот.
„По ураганот што ја погоди Северна Каролина, се договоривме со мојот партнер, во пиците да користиме поскапи производи, да ја зголемиме цената на финалниот производ, а собраните средства да бидат наша донација за настраданите. Се согласивме дека тоа е добра идеја и го започнавме проектот“, рече Акдениз.

Акдениз истакна дека се соочиле со голем интерес за 5-катните пици, од чија продажба, средствата се наменети за настраданите од ураганот. „Досега продадовме 15 пици и собравме средства во висина од 30.000 долари. По минусирањето на 300 долари, колку што нѐ чинат трошоците за изработката, собраните средства ќе им ги испратиме на настраданите од ураганот во Северна Каролина“, рече Акдениз.
- Цел се 1.000 пици
Во врска со започнувањето на проектот, Акдениз ни рече дена нивна цел била да продадат 5 пици, но со зголемувањето на интересот, бројката ја зголемиле на 10, па 100, а сега нивна цел е продажба на 1.000 џиновски пици.
Зборувајќи и за катастрофата од земјотресот и цунамито што ја зафатија Индонезија, Акдениз рече: „Посакуваме да им пружиме помош на сите настрадани во светот, вклучувајќи ги и оние во Индонезија. Едно време, луѓето со потешкотии наоѓаа средства, за парче леб да платат 1 долар. Нашите стомаци се полни, но милиони луѓе имаат потреба за парче леб. Зошто да не спроведеме еден проект и за Индонезија?“
Потсетувајќи дека и минатата година спровеле сличен проект за настраданите од ураганот што го погоди Порторико, Акдениз рече дека бил критикуван „Зошто не им помагаш и на други земји?“
Акдениз рече дека за она што го прави добива и позитивни критики. „Правам добро и оставам водата да го понесе. Не размислувам дали ќе ми се врати. Мене ми е доволно доколку луѓето, гледајќи ме мене, направат нешто добро. Доколку 3 милиони жители на Њујорк им помогнат на погодените од ураганот, нема да има никаков проблем. Не можете сите да ги задоволите, но секој може да помогне по малку“, рече турскиот пица-мајстор, кој живее во Њујорк.
- Шест дена во неделата им испраќа пици на бездомниците
Хаки Акдениз потсети дека во периодот по ураганот Сенди, кој во 2012 година ги погоди САД, трговците од Њујорк се обидувале на нефер начин да стигнат до добивка, продавајќи парче пица или сендвич за 20 долари. Акдениз рече дека во тие тешки моменти, ги отворил своите три ресторани и на њујорчани, и со денови им делел пица и пијалаци бесплатно.
По ураганот Марија што минатата година го погоди Порторико, Акдениз, на луѓето кои во неговите ресторани носеле производи, како што се вода, батерии, рачни светилки, пелени, витамини и други основни средства, им давал бесплатни пици. Потоа, заедно со музичката ѕвезда Џеј-Зи, за Порторико испратиле два ТИР-шлепери полни со основни средства како донација за погодените од ураганот.
Минатата година, по указот издаден од американската администрација која издаде налог за депортација на странците пристигнати во САД од различни земји, Акдениз обезбедил работа за 100 лица во Њујорк. Покрај тоа, шест дена во неделата, Акдениз продолжува да испраќа пици за бездомниците од домот „Bowery Mansion“, во кој некогаш и самиот престојувал. Често во кутиите со пица, Акдениз им остава пари.
Оваа година, на Хаки Акдениз му се доделени четири награди за успешната работа.
news_share_descriptionsubscription_contact
