ХАИФА (АА) - ТУРГУТ АЛП БОЈРАЗ / ДОЛДАР БАЈКАЛ АТАЛАЈ -
Израелката Нета Хејман, чија мајка е заробена во Газа од 7 октомври, рече дека не ѝ верува на Владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и дека е против казнувањето на народот на Газа, пишува Анадолу.
Во разговор со новинарот на Анадолу во нејзиниот дом во градот Хаифа, во северниот дел на Израел, Хејман рече дека ниту нејзината мајка ниту 2,3 милиони Палестинци кои живеат во Газа не би требало да бидат казнети поради израелската окупаторска политика, ниту поради Хамас.
Таа порача дека би требало да се дозволи доставување лекови во Газа.
„Луѓето во Газа не се виновни. Тие, исто така, страдаат поради Хамас. Можеби страдаат и повеќе отколку ние. Не би требало да ја запираме хуманитарната помош“, рече Хејман.
Нетанјаху го опиша како „лажго“ и ја обвини израелската Влада дека спасувањето на заробениците во Газа не им е приоритет.

„Знаеме дека Нетанјаху е лажго. Не ѝ веруваме на Владата веќе една година и затоа излегуваме на улици и го креваме нашиот глас. Но тие воопшто не се грижат за никого, освен за себе и своите семејства“, рече Хејман.
Таа наведе дека Соединетите Американски Држави се заинтересирани само за спасување на сопствените граѓани што се меѓу заробениците во Газа.
„За жал, мојата мајка е само израелска државјанка. Заробениците ослободени првите денови беа американски државјани. Не мислам дека тие го сторија најдоброто што можат за сите. Нивни приоритети се нивните државјани, граѓаните на САД и на Европа“, смета Хејман.
Утврдувајќи дека ниту една страна не е безгрешна во израелско-палестинскиот судир, Хејман смета дека решението за проблемот треба да биде политички, а не воен договор.
Таа рече дека и двете страни треба да седнат, да разговараат и да постигнат политички договор.

„За мировен договор мора да постои непријател, а Хамас е наш непријател. Мировен договор се склучува со непријател, а не со пријател“, рече Хејман.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, ги осуди нападите што Хамас ги започна врз Израел на 7 октомври.
„Меѓутоа, мора да бидеме свесни дека нападите на Хамас не се случуваат случајно. Палестинскиот народ е под израелска окупација 56 години. Нивната земја постепено се окупира со населби. Палестинците се сведоци на преземањето на власта и насилството. Луѓето се раселени, а нивните домови се срамнети со земја. Нивната верба во политичко решение почна да исчезнува“, рече претходно Гутереш.
На прашањето дали се согласува со тие зборови, Хејман рече: „Се согласувам со тоа. Ова е долготраен судир. Ниту една страна не е безгрешна во овој судир. Ниту една страна не го реши со политички средства. Тие преферираа воени средства.“
Хејман порача дека „многу Израелци сакаат договор“.
„Но не веруваме дека тоа е можно. Му припаѓам на движењето што се вика ‘Жени за мир’. Нашиот слоган е ‘Да, тоа е можно’. Исто така, имаме и сестринско движење во Газа и на Западниот Брег, т.н. ‘Жени на сонцето’“, изјави Хејман.
Таа смета дека Израел не е во право во поглед на блокадата на Газа од 2007 година и окупацијата на Западниот Брег од 1967 година.

Хејман ги критикуваше министерот за национална безбедност, Итамар Бен-Гвир, и министерот за финансии, Безалел Смотрич, кои се познати по своите фанатични антипалестински ставови.
Таа наведе дека многу Израелци се лути.
Хејман ги обвини израелските сили за безбедност дека не се во состојба да ги заштитат луѓето на границите со Газа, наведувајќи дека владината политика е причина за тоа.
Таа смета дека поради радикалната политика што ја водат Владата и еврејските доселеници во окупираниот Западен Брег, безбедносните сили морале да бидат на Западниот Брег за да ги заштитат доселениците наместо да ја штитат границата со Газа.
На прашањето дали е загрижена дека копнената операција ќе го загрози животот на нејзината мајка, која е заробена во Газа, Хејман одговори: „Не знам како да одговорам на ова прашање. Тоа ќе биде опасност за многу млади луѓе. Мислам на израелските војници. Имам син, свои пријатели таму. Не знам дали тоа ќе донесе нешто добро.“
Потсети дека нејзината 84-годишна мајка Дицу Хејман, која живее во населбата Нир Оз, на границата со Газа, киднапирана е од Хамас и однесена во Газа.
„Многу сум загрижена за неа. Таа е стара и потребни ѝ се лекови. Едно лице што е ослободено рече дека пешачеле со километри. Мојата мајка многу тешко може да пешачи. Но слушнавме и дека ѝ давале лекови. Мислам дека Хамас не им давал лекови од хуманитарни причини. Одржувањето на луѓето во добра состојба е добро нешто и за нив бидејќи живи луѓе се подобри од мртви“, рече Хејман.
Повикувајќи ја меѓународната заедница да помогне за што поскоро ослободување на израелските затвореници, Хејман истакна:
„За нас секој ден е важен.“