Ekipa
12 Октомври 2017•Ажурирај: 13 Октомври 2017
ТЕХЕРАН (АА) - Елахе Салари - „Робошеф“, првиот роботизиран ресторан во Иран кој е отворен во Техеран, е место што го посетуваат сѐ повеќе луѓе, како оние младите така и постарите кои сакаат да бидат во чекор со времето.
- Благајници и келнери нема, плаќањето е онлајн -
Во ресторанот, во кој од почетокот на годината се служат повеќе пици, гостите ги пречекуваат роботи во улога на келнери, а сите услуги, од нарачки до послужување ги вршат машини, додека сметките се плаќаат онлајн.
Ентериерот делумно потсетува на останатите ресторани, а на масите се наоѓа екран на допир преку кој се нарачува храната која потоа роботите келнери ја доставуваат на ленти поставени меѓу масите.

- Додека нарачката се чека, на „дигиталните маси“ можат да се играат видео игри -
Муштериите на „ Робошеф“ имаат можност времето додека ја чекаат храната да го искористат со играње на видео игри.
Сопственикот на ресторанот, Маџид Зибадел, истакна дека масите се дизајнирани на начин да не доаѓа до проблеми за време на јадењето.
„Патентот за масите ни припаѓа целосно нам“, нагласи Зибадел, и додаде дека масите за ручање се поразлични од останатите.
- Интерес од страна на старите и младите -
Зибадел изјави дека во ресторанот направиле спој на храната и технологијата со цел да привлечат млади клиенти.
„Меѓутоа, откако започнавме со работа, успеавме да привлечеме и многу постари клиенти кои покажаа интерес за концептот на нашиот ресторан“, изјави Зибадел.
На крајот додаде дека овој ресторан, кога се во прашање цените, не се разликува од другите ресторани во Техеран.