Doğan Zelova
15 Септември 2023•Ажурирај: 16 Септември 2023
ЧАНАККАЛЕ (АА)
- Доган ЗЕЛОВА
Ѓуркан Кул и Јусуф Озен, кои се занимаваат со риболов во местото Гелиболу (Галиполе), во турската област Чанаккале, не можат да одат на море бидејќи гулабица изградила гнездо врз макарата што ја користат за собирање на мрежата фрлена во морето.
Ѓуркан Кул, кој 35 години лови риба во Галиполе, со својот пријател Јусуф Озен отишол до бродот по име „Шакир Реис“ врзан во внатрешното пристаниште за да рибари.
Рибарите, кои ги завршиле последните подготовки, пред да испловат забележале дека гулабица изградила гнездо на макарата на предниот дел од чамецот.

Кога забележале дека има јајца под гулабицата , Кул и Озен го оставиле гнездото и решиле да не одат да рибарат сѐ додека не им пораснат крилја на младите гулапчиња.
Озен, кој со мобилниот телефон го снимил моментот кога забележал дека гулабица направила гнездо на неговиот брод, на снимката вели: „Дојде тука, си направи гнездо на макарата. Сега што ќе правиме? Дваесет дена станавме војници поради тебе. Ќе те чекаме 20 дена за да можеме да испловиме да рибариме. Нè изгоре.“

Јусуф Озен за дописникот на АА изјави дека околу 10 дена чекале гулабите пилиња да се изведат од јајцата и дека не отишле на риболов иако завршила забраната.
Раскажувајќи дека се соочиле со неочекувана ситуација иако ги завршиле сите подготовки за новата риболовна сезона, Озен продолжи со зборовите: „Ја чекаме гулабицата . Таа ги несеше јајцата на макарата, чекаме да излезат пилињата. Не го допревме гнездото. Не одиме на рибарење. Ако е касмет, кога ќе се испилат и кога ќе им пораснат крилјата, ќе одиме да рибариме.“