Hüseyin Yesilkavak
25 Април 2017•Ажурирај: 26 Април 2017
ЧАНАККАЛЕ (АА) - Во рамките на одбележувањето на 102-годишнината од копнената битка на Галиполе, синоќа илјадници лица присуствувааа на бдението, а со првите зраци на зората се одржаа и традиционалните манифестации Марш во знак на сеќавање на хероите и Молитви во зората за загинатите во една од најкрвавите битки во Првата светска војна, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерството за млади и спорт на Република Турција, по 57. пат во земјата го организираше почесниот Марш за хероите на Чанаккале, а илјадниците млади во централната поворка на Галиполе ги предводеше турскиот ресорен министер Акиф Чагатај Килич.
Со почесната артилериска стрелба, младите се собраа во кампот во галиполското село Коџадере, каде што ја извршија утринската молитва (сабах-намаз), а потоа тргнаа кон Џонкбаири. За време на Маршот се прикажани неколку документарни филмови за учесниците подобро да ги разберат случувањата од тој период.
Паралелно со тоа, во галиполското село Анзак синоќа се собраа и најмалку 500 посетители од Австралија и од Нов Зеланд, за да им оддадат почест на загинатите сонародници во копнените борби на тој полуостров.
На Австралијците и на луѓето од Нов Зеланд, кои ноќта ја поминаа на Галиполе, исто така им се прикажани документарни филмови за битките што се воделе во текот на Првата светска војна, а в зори присуствуваа и на традиционалната молитва за загинатите борци.
На бдението и на утринската молитва присуствуваше и шефицата на австралиската дипломатија, Џулија Бишоп, министерката за правда на Нов Зеланд, Ејми Адамс, заменик-гувернерот на Чанаккале, Бекир Ситки Даг, и голем број амбасадори акредитирани во Турција и други официјални лица.
Името на селото Анзак, во кое традиционално се одбележува годишнината од копнената битка на Галиполе, всушност е акроним што трајно потсетува на учеството на австралиските и новозеландските војски во таа битка (Australian and New Zeland Army Corps).
Во цела Австралија и на Нов Зеланд, денес исто така се одбележува и Денот на Анзаците.