Sanja Kerazovska
05 Мај 2026•Ажурирај: 05 Мај 2026
Во областа Ал-Маваси во градот Кан Јунис, на југот на Појасот Газа, стотици Палестинки кои живеат во кампот за сирачиња „Ел Береке“ се соочуваат со суровата реалност на војната. Жените што ги изгубија своите животни сопатници, среде тешките животни услови, преку ноќ беа принудени од домаќинки да станат единствени столбови и извор на опстанок на своите семејства, јавува Анадолу.
Иако во кампот недостасуваат дури и најосновните услови за живот, овие храбри жени започнуваат мали сопствени иницијативи за да преживеат. Покрај традиционалното плетење и везење, тие отвориле и мала градинка за да им обезбедат образование на децата во кампот.
Со скромните тезги на кои ги продаваат своите ракотворби, тие не само што придонесуваат во семејниот буџет туку и ја одржуваат жива надежта за опстанок.
Шејма Ебу ел-Хусеин (37), мајка на четири деца, која го изгубила сопругот во војната, денес плете и везе за да ги нахрани своите најмили. Таа вели дека сега на своите деца им е и мајка и татко.
Шејма, заедно со уште 30 жени, го започнала овој проект за да не зависат од никого. Покажувајќи ги марамите на кои се везени палестинското знаме и обвивките за Куранот, таа порачува: „Потребни ни се силна волја и цврстина за да се избориме со овие маки. Ние, вдовиците, секогаш мора да стоиме исправено за да може да ги пораснеме нашите деца.“
Нериман Габан (35), мајка на пет деца, која исто така останала без сопруг, работи како воспитувачка во малата градинка во кампот. Таа раскажува за својот пат полн со страдања – од бегството од северот кон југот, па сè до петте присилни преселби низ Газа.
Условите во кои живеат се исклучително тешки, вели Габан, која со мака успева да ги намири дури и најосновните потреби на своите деца. Токму затоа таа одлучила да почне проект во областа на образованието, што е и нејзина стручност, како единствен начин да им обезбеди подобра иднина:
„На овој начин децата во кампот добиваат образование, а јас успевам да заработам за моите чеда”, сподели Габан, која и покрај сите премрежиња, останува цврсто решена да продолжи со својата мисија, велејќи: „Што и да се случи, ние ќе го исправиме ова поколение на нозе преку знаење и воспитување на нашите деца.“
Управничката на кампот за сирачиња „Ел Береке“, Абир Савалха, објаснува дека таму живеат околу 155 семејства на дечиња што останале без татко, односно вкупно 800 луѓе. Таа истакна дека нивната примарна цел е да им создадат сигурно прибежиште на жените што во војната останаа без своите сопрузи, додавајќи: „Иако надворешната помош е клучна за преживување, овие пожртвувани жени со вредните раце преку своите ракотворби се трудат сами да го дополнат она што им недостасува за достоинствен живот.“
Овие мали проекти, родени од скромни можности, станаа повеќе од извор на приход - тие се симбол на заедништвото, на нескршливиот дух и на палестинскиот отпор низ тивката, но моќна борба на мајките.