Lina Altawell
05 Мај 2026•Ажурирај: 05 Мај 2026
Израелската армија денес призна дека извела напади во околу 500 области во Либан откако прекинот на огнот стапи на сила на 17 април, како и дека петмина израелски војници биле убиени, а 33 биле повредени од оган на Хезболах, пренесува Анадолу.
„Убиени се петмина војници од армијата и безбедносните сили, а 33 се повредени од почетокот на прекинот на огнот“, објави армиското радио, притоа напоменувајќи дека постои строга контрола (цензура) врз објавувањето на вистинските податоци за вкупните загуби.
Се додава дека тројца војници загинале од беспилотни летала со експлозив, двајца од импровизирани експлозивни направи, 31 бил повреден од експлозивни направи, а двајца во судири со борци на Хезболах.
Во последните недели беспилотните летала на Хезболах предизвикаа значителна загриженост во Израел, при што премиерот Бенјамин Нетанјаху ги опиша како „голема закана“.
Според радиото, израелските авиони извршиле напади врз околу 500 области од почетокот на прекинот на огнот, сите во Јужен Либан, со исклучок на една цел во регионот Бека.
„Овие бројки покажуваат дека нема прекин на огнот во Јужен Либан“, наведува армиското радио.
И покрај прекинот на огнот што беше објавен на 17 април и продолжен до 17 мај, израелската армија продолжува со секојдневни напади врз Либан и со значително уривање куќи во десетици села.
Либанското Министерство за здравство вчера соопшти дека 17 лица биле убиени во изминатите 24 часа, со што бројот на загинати од израелските напади од 2 март се искачи на 2.696, а 8.264 се повредени.
Израел окупира области во Јужен Либан, некои со децении, други по претходната војна меѓу 2023 и 2024 година, а напредуваше околу 10 километри во либанската територија за време на актуелната офанзива.