Ekipa
14 Октомври 2018•Ажурирај: 15 Октомври 2018
АНКАРА (АА) - Како едно од најстарите слатки во светот, традиционалниот турски десерт стана дел од британското општество, благодарение на турската компанија „Truede“, со седиште во Велика Британија, пишува Anadolu Agency (AA)
Зејнеп Туруди, сопственичка на „Truede“, за AA изјави дека компанијата го продава турскиот десерт во продавниците низ Велика Британија и извезува во 15 земји - вклучувајќи ги САД, Канада, Австралија, Обединетите Арапски Емирати, Катар, Германија и Франција.
Според турскиот Институт за статистика (TurkStat), Турција во првите осум месеци од оваа година извезла турски десерти во вредност од 15,8 милиони долари.
Најголем дел од турските десерти се извезувале во Велика Британија, над 520 тони во вредност од 1,57 милиони долари.
„Денес нашите производи се продаваат во многу маркети во Велика Британија, а нашиот локум е достапен за потрошувачите и во светски познатиот Британски музеј во Лондон“, рече Туруди.
Туруди, која израснала во Лондон и студирала компјутерско инженерство, се свртела кон секторот на турски десерти додека планирала да увезува технолошки производи од Јапонија во Велика Британија.
„Забележав дека има празнина на [британскиот] пазар за автентичниот и природен турски локум, кој е направен од пченкарен скроб наместо од желатин. Така го претставив на овдешниот пазар“, рече Туруди.
Раскажа дека минала речиси две години во истражување на пазарот за да го пронајде вистинскиот производител што ќе одговори на британскиот вкус, и додаде:
„На Британците им се познати турските десерти кои ги подаруваат и за Божиќ. Тие сакаат различни вкусови и видови, но најчесто го преферираат вкусот на роза“, рече Туруди.
Таа истакна дека користат природни состојки, вклучувајќи ливчиња од цветот на розата од турската јужна област Испарта, која е позната по своите рози.
„Нашите производи се наредени во делот за природни производи во продавниците. Потрошувачите ги купуваат без двоумење, бидејќи нашите бои и ароми се направени од природни состојки“, рече Туруди.
Истакна дека тие не само што ги продаваат десертите во британските продавници, туку имаат за цел и да привлечат внимание кон мотивите на турската култура, како што е уметноста „ебру“, познатите шари од Изник на пакувањата на слатките.
Туруди нагласи дека брендот е познат и во светот, и откри дека била поканета да присуствува на Меѓународната програма за лидерство за претприемачи на која ќе ја претставува Велика Британија на покана на поранешниот американски претседател Барак Обама, покрај претставниците на 33 други земји.