Meryem Göktaş
15 Март 2019•Ажурирај: 17 Март 2019
АНКАРА (АА) - Како што војната во Сирија денес влегува во својата деветта година, децата во таа земја продолжуваат да го носат товарот на тој конфликт, јавува Anadolu Agency (AA).
Многу сириски деца никогаш не знаеле за мир. Сè уште живеејќи во бегалските кампови, лишени се од својата иднина и продолжуваат да се соочуваат со особено тешките услови за живот.
Екипата на Anadolu Agency зборуваше со три деца во бегалскиот камп „Бабуселам“ во сирискиот северен град Азаз.
Кампот кој е поставен од страна на турската хуманитарна организација ИХХ, моментално е дом на околу 15.000 бегалци, вклучувајќи речиси 7.000 деца.
Велејќи дека Сирија претставува негова сакана татковина, 13-годишниот Абд ал Рахман изјави дека е многу тешко да се живее во бегалскиот камп како дете.
„Мојот сон е да се вратам дома“, изјави тој. „Сакам да ги напуштам овие кампови и сакам да заврши бомбардирањето“.
„Сакам слободно да се вратам во сопствената земја. Сакам да си играм на слобода повторно“, додаде Рахман.
Друго 13-годишно дете Мухамед Али, кое исто така живее во кампот, изрази слична желба за слобода и мир.
„За мене Сирија претставува сè. Таму сакам да живеам на слобода“, рече детето.
Тој изрази надеж дека ќе добие образование, за да може да им помогне на своите врсници од Сирија.
„Коа ќе пораснам сакам да бидам доктор“, рече тој. „Сакам да им пружам третман на сите на кои им е потребна помош, без разлика кои се или што прават“.
Калед, друго момче кое живее во кампот, се пожали на тешките услови со кои се соочуваат тој и неговите пријатели во кампот.
„Многу е ладно тука, има насекаде кал“, рече 12-годишното момче и додаде: „Не е чисто, не можеме слободно да си играме“.
„Сакаме да се вратиме во своите домови“, рече Калед.
Калед изјави дека кога ќе порасне сака да им помага на луѓето што ќе бидат погодени од бомбардирања.
„Сакам да бидам пожарникар и да спасувам луѓе“, раскажа Калед.
Според Фондот за деца на ОН (УНИЦЕФ), околу 5,6 милиони деца сè уште имаат потреба од хуманитарна помош во Сирија, додека 2,6 милиони остануваат внатрешно раселени.
Проценето е дека 20.000 сириски деца под петгодишна возраст страдаат од тешка акутна неухранетост.
Во неодамнешното соопштение издадено од УНИЦЕФ, 2018 година се опишува како најсмртоносна година за децата во Сирија, што укажува на ужасните услови со кои сè уште се соочуваат децата во земјата зафатена од војна.
Сирија е заробена во жестока војна уште од почетокот на 2011 година, кога режимот на Башар ал Асад презеде мерки со неочекувана свирепост кон продемократските протести.
Според бројките на Обединетите нации, стотици илјади цивили се убиени и повеќе од 10 милиони се раселени во конфликтот.