Fikret Kavğalı
19 Август 2018•Ажурирај: 20 Август 2018
ХАТАЈ (AA) – Ејуп Демир (24) од Хатај, во Турција, за една година, со правилна исхрана и спортување загуби 80 килограми, јавува Anadolu Agency (AA).
Демир од детството се борел со вишокот килограми, а кога неговата телесна тежина изнесувала 190 килограми, одлучил да преземе нешто и да го смени начинот на живот.
Сакал да направи операција за подврзување на стомакот, но нутриционист, земајќи ги предвид неговите години, го советувал на диета и занимавање со спорт.
За еден месец успеал да загуби 20 килограми. Ова за него претставувало огромно задоволство и мотивација да ја продолжи борбата со прекумерната тежина.
„Се срамев кога одев некаде. Секогаш размислував дали ќе можам да седнам на столчето и дали столчето ќе ја издржи мојата тежина. Се обидував да најдам соодветно место. Се срамев и при влегувањето во дуќани“, се присетува Демир.
Тој се присети и на тешките почетоци, додавајќи дека вредело да се потруди и да го постигне посакуваниот резултат.
Првин престанал нездраво да се храни, потоа почнал повеќе да се движи.
„Со текот на времето започнав и да трчам. Во почетокот неколку кругови, а потоа се пријавив на неколку спортови. Сега играм фудбал, одбојка, кошарка, трчам, боксувам и одам на фитнес“, додаде Демир.
Вели дека сака да биде пример и мотивација на другите кои загубиле или почнале да губат надеж.
„На сите им препорачувам спортување и правилна исхрана. Досега поттикнав 100 луѓе да тргнат со моите чекори. Одам каде што сакам и купувам облека каква што јас сакам“, појасни тој.
Сепак, нема намера да застане тука, сѐ додека не ја достигне посакуваната тежина од 85 - 90 килограми.
„Купив велосипед и на работа одам со него“, додаде Демир, на кого тоа му е утринска вежба.