Ömer Erdem
01 Јуни 2022•Ажурирај: 02 Јуни 2022
КАРТУМ (АА) - ОМЕР ЕРДЕМ -
Суданската дизајнерка на ентериер, Сара Изедин, предниот дел на својата куќа и нејзината градина ги претвори во расадник за да го привлече вниманието на опустинувањето и климатските промени.
Изедин, која живее со своето семејство во главниот град Картум, пред четири години во домашната градина почна да одгледува десетици видови дрвја и растенија за кои треба сенка.

Претворајќи ја својата градина во расадник, Изедин започна бизнис продавајќи ги растенијата што ги одгледува на своите соседи и пријатели по нивно барање.
Таа раскажа дека се концентрирала на својата работа особено за време на епидемијата на Ковид-19: „Судан има многу топла и сува клима. Дрвјата придонесуваат за спречување на глобалното затоплување и борбата против опустинувањето. Таму каде што дрвото е зелено, луѓето наоѓаат мир, а тоа позитивно влијае на нивната психологија. Поради побарувачката, моето хоби го претворив во можност. Исто така, сакав да ја подигнам свеста за опустинувањето и климатските промени.“

„Повеќе ме интересираат дрвјата кои се ретки и растат во сенка. Од неодамна, луѓето почнаа да покажуваат поголем интерес за растенија кои растат во затворен простор. Доколку имам можност, би сакала да одгледувам растенија специфични за различни земји и тропски региони“, додаде Изедин.
Сара, која се грижи за своите растенија и поголемиот дел од времето го поминува во својата градина, нагласи дека сака да основа поголем и поразвиен расадник надвор од нејзината куќа и да ја подигне свеста за зеленилото и пошумувањето.
Младата архитектка во својата градина огледува повеќе од сто дрвја и растенија како што се лимони, папаја, урми и палми, како и украсни растенија. Цените на дрвјата се движат од 1 до 35 долари.