Umur Koçak Semiz
20 Февруари 2017•Ажурирај: 20 Февруари 2017
ЧЕСАПИК СИТИ (АА) - Телефонот на нацистичкиот водач Адолф Хитлер е продаден на јавна аукција во државата Мериленд, САД, за 243.000 долари, јавува Anadolu Agency (AA).
Претставник на аукциската куќа „Александар“ во Чесапик Сити, Андреас Корнфилд, потврди дека анонимен купувач за телефонот на Хитлер платил 243.000 долари.
Почетната цена на телефонот на Хитлер, на чија позадина е врежано неговото име и симбол на Нацистичката партија, беше 100.000 долари.
Станува збор за телефонот кој е пронајден од страна на советските војници во 1945 година, откако Хитлер извршил самоубиство.
Аукциската куќа телефонот го претстави како „клучно оружје“ кое Хитлер го користеше при издавање наредби за ужасните масакри.
На истата аукција беше продадена и една Хитлерова кристална фигура на куче.
Наводно Хитлер многу ја сакал таа фигура, но без оглед на точноста на овие тврдења, новиот сопственик за неа плати 24.300 американски долари.